„Мали женички“ – еден од најважните женски романи на сите времиња

„Мали женички“ – еден од најважните женски романи на сите времиња

Кога станува збор за добра книга, сосема е неважен периодот во кој таа е напишана. Таков е романот „Мали женички“ кој е објавен во раздобјето од далечната 1868 и 1869 година (како двотомно издание) од авторката Луиза Меј Алкот.

„Мали женички“ – еден од најважните женски романи на сите времиња

Овој култен роман за женскоста е издаден и на македонски јазик под насловот „Малите жени“ а ваше е да го пронајдете и да уживате во читањето за време на празниците кои доаѓаат. Замислете, романот започнува со божиќна сцена! Книгата добила своја екранизација во повеќе наврати, па може да изгледате и некоја од филмските верзии. Последниот филм инспириран од овој роман е објавен токму годинава.

Станува збор за книга што всушност зборува за секојдневниот живот на едно американско семејство кое ѝ припаѓа на средната класа. Овој роман од „Гардијан“ е прогласен за најважен американски женски роман на сите времиња.

А зошто овој роман е толку посебен?

„Мали женички“ – еден од најважните женски романи на сите времиња

Освен што се работи за класика што ги поврзува сите генерации и во неа еднакво може да уживаат и адолесцентите и возрасните жени, авторката донесува нешто што само ретки писателки како сестрите Бронте или Џејн Остин се осмелиле да го напишат – таа им дава право на глас на женските ликови, им овозможува тие да размислуваат со своја глава и да не им се препуштаат на оковите наметнати од патријархатот.

Во романот сестрите Марч и нивната авторка имаат многу заеднички карактеристики. Алкот била втора од четирите сестри во нејзиното семејство во кое родителите ги воспитувале никогаш да не им е тешко да им помогнат на другите, но исто така, секогаш да се залагаат за себе и да го прават она во што навистина уживаат. Нејзиниот татко, Амос Бронсон Алкот, бил универзитетски професор, па многумина од некогаш најголемите интелектуалци во САД, како што се Хенри Дејвид Торо, Ралф Валдо Емерсон и Натаниел Хоторн, честопати можеле да се сретнат во нивниот дом.

Меѓутоа, семејството многу често се селело и поради тоа уште почесто владеела беспарица, но никој не можел да ги лиши луѓето од нивната меѓусебна љубов и од интелектуалното богатство што го поседувале. За да му помогне на семејството кое имало финансиски проблеми, Луиза започнала да пишува и со текот на годините заработила многу пари.

Класично дело што настанало сосема случајно

„Мали женички“ – еден од најважните женски романи на сите времиња

Но, Луиза неволно се согласила да го напише ова дело. Имено, откако се прочуло за нејзиното пишување под псевдоним, еден издавач ѝ понудил да напише „роман за девојчиња“. Бидејќи не се сметала себеси за женствена, Луиза рекла дека нема да знае за што да пишува и ја одбила понудата. Но, една година подоцна, нејзиниот татко се обидел да ја објави книгата кај истиот издавач, кој го условувал издавањето на книгата со тоа што Луиза морала да допише „роман за девојчиња“.

Таа се согласила на тоа за да му помогне на својот татко. И така се создал романот без кој веќе не можеме да ја замислиме светската литература.

Приказната го следи животот на четири сестри Мег, ,Џо, Ејми и Бет Марч, кои ги запознаваме уште како девојчиња кои во најранливите години останале да живеат сами со својата мајка Мерми, која е морален столб на семејството. Нивниот татко отишол да се бори во Американската граѓанска војна. Вредностите што се вградени кај нив во овој период, па дури и порано, ќе ги следат во текот на целиот живот, бидејќи секоја од нив се обидува да го најде своето „место под сонцето“.

Со годините што доаѓаат, најстарата сестра Мег се соочува со предизвиците на мајчинството и одржувањето на домаќинството, додека малку своеглавата Ејми се обидува да ја најде својата среќа и место во општеството. Џо пак се решава да гради кариера, а нејзиниот приход е од голема помош за семејството, додека кревката и секогаш љубезна Бет мора да се бори со сериозна болест.

Џо е таа што, на некој начин ја „носи“ целата приказна. Нејзиниот феминистички пристап кон животот е очигледен во секоја нејзина реченица и Алкот многу вешто ги ткаела своите ставови за женскоста токму преку овој лик. Всушност, во нејзино време, романите биле единствениот начин да се искажат некои ставови со кои честопати не се согласувале сите, особено затоа што тие биле искажани од жени, а тоа им пречело на властите.

Иако се сосема различни по карактер, овие сестри покажуваат дека за среќен живот не е потребно големо материјално богатство, туку добро срце и чиста душа, и ова на сите може да ни послужи како пример. Иако издавачот побарал од авторката романот да има среќен крај и Џо да стапи во брак, значајно е тоа што тој момент доаѓа на самиот крај од романот – кога Џо е сложена личност која е финансиски независна, како што ѝ доликува на хероина од нејзиниот калибар.

Ако размислувате им купите книги на девојките или жените од вашето опкружување, по повод празниците кои доаѓаат, нека тоа биде оваа книга. Нема подобар роман што го прикажува ослободувањето на жените од патријархалните окови, истовремено испраќајќи порака до секоја девојка дека може да има свој живот и да донесува сопствени одлуки.

Доколку сакате, може да ја погледнете и листата од 21 книга што секој тинејџер треба да ја прочита.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Смислата на животот ја бара преку уметноста и креативноста. Пишувањето е нејзино секојдневие.

Поврзани содржини

Остави коментар