Книга: „1Q84“ – Харуки Мураками (2)
Новиот свет со две месечини е невозможно место за да бидат заедно, но истовремено единственото место каде што можат да се пронајдат…
Трилогиите знаат да бидат малку „проблематични“ за читање. Штом книгата се прославила и дошла до ваши раце, првиот дел е веројатно феноменален и веројатно ќе ви се допадне како и на пошироката публика. Вториот и третиот дел се прашање на тоа дали се работи за ремек-дело во целост или пак за нешто што преминало во добар маркетинг. Првата книга од „1Q84“ е идеален рецепт за тоа како да се обезбедат бројни читатели за наредните делови бидејќи има доволна доза на мистерија и недоговорени прашања кои ве копкаат. Мураками во втората книга ја менува брзината и ве остава порелаксирано да уживате во патувањето со бројни застанувања.
Тенго и Аомаме се повторно во фокус на приказната и иако водат сосема одвоени животи сепак постојано, свесно или несвесно се во потрага еден по друг. Двајцата на свој начин дознаваат дека се наоѓаат во некој паралелен свет, некоја бледа, изместена копија на реалноста каде линијата меѓу имагинацијата и вистинското е избришана. Иако свесни за опасноста која ги следи, двајцата на свој начин откриваат дека всушност во тој свет со две месечини можат да бидат сигурни само во едно – споменот за првиот допир и емоцијата која не избледува долги години.
Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ
Аомаме добива можност да се приближи до монструозниот водач на комуната, подготвена да ги искористи убиствените вештини па макар да го ризикува и својот живот. Нејзината цел се остварува, но во сосема различни околности од оние кои ги очекува. Голем дел од книгата е посветен на нивната несекојдневна средба, натприродните способности на водачот и она што Аомаме го открива за новиот свет благодарение на него. Всушност, водачот и Аомаме имаат иста намера но со различна позадина. Таа сфаќа дека од тоа дали ќе го убие водачот или не, зависи нејзината но и судбината на Тенго.
Тенго е заробен во своето секојдневие кое за кратко стана повозбудливо благодарение на неговата вклученост, иако прикриена, во издавањето на бестселерот „Книга од воздух“. Благодарение на приказната, Тенго се зближува со младата девојка Фукаери која очигледно има страшни последици од животот во комуната кој го опишува во нејзината книга и ѝ дозволува да престојува во неговиот стан одреден период. Нивната врска се зацврстува но никогаш не преминува на подлабоко емотивно ниво, особено откако Тенго сфаќа дека е заљубен во Аомаме – девојката која не ја видел од основно училиште.
Иако е јасно дека постои врска која ги поврзува, нивните животни патишта толку се одвојуваат што почнувате да се прашувате дали постои начин да завршат заедно. Да бидеме реални, голем дел од љубовните приказни се сведуваат на две заљубени души кои долго време се бараат и страдаат, но на последната страница секогаш го добиваме она што го сакаме – „си живееја среќно до крајот на животот“. Но, ова не е типична љубовна приказна и втората книга дефинитивно ќе ве натера да се запрашате дали крајот ќе биде онаков каков што го замислувате. Дополнително, Мураками како да не е многу загрижен дали ќе ни ги обезбеди сите одговори на прашањата кои нѐ копкаат.
Книгата има интересен ритам, од бавни моменти на спокојно секојдневие до возбудливи сцени на живот или смрт, а зачудувачки, Мураками ги прави и едните и другите подеднакво интересни. Многу од прашањата кои читателот си ги поставува се одговорени во навидум неважни разговори меѓу ликовите, кои во втората книга добиваат подлабоко значење. Тенго и Аомаме ги запознаваме на едно поинакво ниво, благодарение на спомените од минатото.
Втората книга содржи значаен момент кој подоцна ќе се провлекува низ третата книга и ќе го дефинира крајот. Токму тука, верувам дека се делат оние кои тврдат дека ова е феноменално дело кое вреди да се прочита и оние кои веројатно нема пак да читаат нешто од Мураками. Нијансите на надреалното со кои си игра, можеби се малку претерани за сите оние кои од „1Q84“ очекувале само љубовна приказна. Но за останатите, ова е вистинско ремек-дело и верувам дека со нетрпение ќе ја очекуваат третата книга да дојде во нивни раце.
За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 3 септември 2014.
Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.
Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.