Книга: „Светецот, сурферот и директорот“ – Робин Шарма
Извонредна приказна за тоа како да ги живеете соништата на своето срце.
По „Калуѓерот што го продаде своето ферари“, следува уште еден бестселер на Робин Шарма кој целосно ги задоволува апетитите и очекувањата на читателите. Како советник за лидерство, од Шарма не се очекува ништо помалку од извонреден прирачник со моќни методи кои ќе ви помогнат да го живеете вашиот најдобар живот досега. Токму тоа го добивате во „Светецот, сурферот и директорот“ – книга со интригантен наслов и уште попривлечна содржина.
„Секој човек си мисли дека границите на неговиот видеокруг се границите на светот. Но не и неколкумина. Придружи им се.“
Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ
Џек Валентајн преживува страшна сообраќајна незгода по што завршува во болница. Но, како што сè се случува со причина, таа ноќ на Џек му носат мошне загадочен цимер во болничката соба со кој за брзо се зближува. Разговорот меѓу нив е примамлив и Џек просто не може да го изнаслуша старецот и неговите сфаќања за животот. За жал, тоа е последната ноќ од животот на стариот човек кој зад себе остава писмо и тоа за никој друг туку за самиот Џек. Тоа бил таткото од кој Џек бил одвоен целиот свој живот и кој последните моменти меѓу живите ги посветува на животната промена на својот син.
Џек, според зборовите на татко му, треба да посети три далечни места во светот: Рим, Хаваи и Њујорк. Токму на тие места го чекаат светецот, сурферот и директорот, секој од нив подготвен да му помогне во одговарањето на трите клучни прашања за животот.
Во Рим светецот ќе му ги даде инструкциите за првото од конечните прашања: Дали живеев мудро?
„Запомни, кога им ја даваш љубовта за која копнее секое човечко суштество, нивното најдобро јас ќе продре на површината, затоа што си создал безбеден простор за тие да блеснат. Кога ти ќе се смениш другите автоматски се менуваат бидејќи си им оставил простор да процветаат.“
На Хаваи, Џек го запознава сурферот Мо кој го учи за второто од конечните прашања: Дали сакав вистински? Мо е богат со непроценливо важни лекции за животот. Кога нешто се вреднува и цени, неговата цена расте, и токму тоа се случува со нештата кои ги цениме во нашите животи.
„Живеењето во состојба на постојана и непрестајна благодарност ќе го направи животното искуство далеку позначајно и повредно… Секојдневното вежбање на благодарноста не е ништо друго освен секојдневно вежбање на љубовта.“
Во Њујорк, пак, добива инструкции за наоѓање на одговор на третото прашање: Дали служев доволно? Цитирајќи го Броуз, Тес му пренесува многу важна порака на Џек.
„Едно од најтажните искуства што може да му се случи на еден човек е да се свести, со сива коса и брчки, пред крајот на својата непродуктивна кариера, за фактот дека низ сите изминати години искористувал само еден мал дел од себеси.“
Книгата изобилува со мисли кои навистина држат вода и цитати кои допираат до сржта на човековото постоење. Може да се измамите дека е дел од оние книги за самопомош кои зборуваат напразно а не допираат до целта. Во суштина, станува збор за приказна која пренесува многу важни лекции за животот кои би требало да стигнат до сечии раце и мисли.
„Лесно му се простува на детето што се плаши од мракот. Вистинската трагедија во животот е кога возрасен се плаши од светлината.“ – Платон
За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 21 мај 2014.
Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.
Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.