Книга: „Собирач на светови“ – Илија Тројанов
Биографија за една од најинтересните личности во историјата, Сер Ричард Бартон, со поголема доза фикција која ве носи во една друга магична димензија
Најголем дел од сите оние прекрасни книги за кои имам пишувано претходно, ми предизвикуваа возбуда и исчекување до последната страница, без разлика на жанрот, не само поради самата приказна туку и поради фактот дека допрва треба да ги склопам сите впечатоци во краток текст. Ретки се книгите меѓу нив кои додека читав, возбудата ја заменуваше нетрпеливост па дури и страв, повторно не поради приказната, туку од причина што за дело од такви размери треба да се изразам во кратка рецензија. Со сигурност, меѓу тие книги сега се смести и „Собирач на светови“, за која дури и Винка Саздова на промоцијата на истата има изјавено дека е една од тие книги кои откако ќе ги прочиташ остануваат уште долго да живеат во тебе.
Според жанрот „Собирач на светови“ е биографска фикција, биографија затоа што го следи животот на Сер Ричард Бартон, историска личност со неверојатно возбудлив живот, а фикција затоа што Илија Тројанов успеал сѐ она што го направил Бартон да го пренесе во една друга, магична димензија. Пред да ја прочитам книгата за Бартон знаев дека бил Англичанец кој го пропатувал светот и знаел многу јазици, и се решив да останам на тоа за да не го уништам впечатокот. Сѐ додека, не стигнав до пола книга и едноставно морав да проверам колку од таа магична приказна е биографија, а колку фикција. Се испостави на крајот дека всушност и не е важно, бидејќи Бартон на Тројанов за мене веќе беше повеќе од реален и мислам дека никогаш нема да можам да го замислам поинаков.
Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ
Приказната за Бартон ја раскажуваат различни ликови од различни места кои ги посетил, а најголем дел од критичарите се согласуваат дека токму тоа му ја дава потребната егзотичност на главниот лик. Неговиот животен стил и начинот на кој го гледале луѓето околу него поради тоа, го прави Бартон контроверзен лик каков што е, a книгата според многумина никогаш не би била толку добра кога би била пишувана во прво лице. Сѐ започнува во Индија, каде што Бартон е испратен како капетан на војската на Источноиндиска компанија, дел којшто го раскажува неговиот слуга Наукарам. Всушност, тој се труди да најде нова работа и оди кај лахија (писар) за да му помогне да напише писмо во кое ќе го долови работното искуство кај Бартон и ќе му помогне кај новите работодавачи. Од него дознаваме за пасијата на неговиот господар за непознати обичаи и култури, времето што го поминал со учителот кој му помогнал за година дена да го совлада јазикот како и за еротските вештини на кои го научила неговата Кундалини. Бартон имал неисцрпна желба за познавање на туѓите традиции и обичаи, многу повеќе од оние дома кои ги сметал за празни суеверија, а самиот Наукарам ќе заклучи:
„Туѓите обичаи го фасцинираа затоа што сѐ уште ги немаше проѕрено.“
Неговата способност да се прилагоди целосно на околината и на луѓето околу него само се наѕира во Индија, но целосно доаѓа до израз во Арабија, за време на неговото патување, преправен како аџија, до Мека и Медина. Со ново име, претставувајќи се себеси како дервиш и лекар, Бартон ја остварува една од најфасцинантните авантури на неговото време. Тука, деталите за тој период ги дознаваме од раскажувањата односно кореспонденцијата помеѓу различни везири кои се засегнати од тоа како успеал Бартон да го исполни аџилакот и се опседнати со тоа да ги дознаат неговите задни намери. Способноста да се прилагоди целосно на околината, како камелеон, го прави совршен шпион во очите на властите во странската земја, а потоа дури и во сопствената. Авантурата преминува во мачно патување во третиот дел од книгата, кога Бартон тргнува на експедиција да го открие изворот на реката Нил, тргнувајќи од Занзибар и завршувајќи на езерото Танганика. Доживувањата ги доловува Сиди Мубарак Бомбај, слуга и водич на Бартон и неговиот придружник Спеке за време на целата мисија. Сликовитоста на сите случувања во овој дел го прават патувањето незаборавно, но од истата причини верувам и дека остава траен белег кај секој читател, бидејќи незаборавни се и сите „непријатни“ доживувања со кои се соочуваат мисионерите.
Како што споменав, најголем дел од критичарите сметаат дека тоа што во книгата Бартон не раскажува во прво лице го прави егзотичен лик и дава перспектива на тоа како останатите гледале на неговиот живот, но многумина го нагласуваат и главниот недостаток на овој пристап – можеби ваквото раскажување не дозволува целосно и длабоко да го разбереме главниот лик. Сепак, на места сите раскажувачи на неговата приказна како да се обидуваат да го оправдаат и самите да го разберат неговото однесување, често смислувајќи сопствени согледувања зошто некој би живеел таков живот. Токму везирите, додека се обидуваат да ги откријат вистинските причини за неговиот аџилак, почнуваат да веруваат дека Бартон верува во сѐ и во ништо истовремено и токму поради тоа може да се трансформира себеси на кој било начин. Тука донекаде е доловена полувистината за оваа комплексна личност која постојано се обидува да се пронајде себеси, да ја искуси целосната слобода на патувањето и да доживее колку може повеќе од сѐ она што го нуди животот.
За сите трагачи по авантури, за сите кои горат со постојана желба за патување и откривање, за оние со неизмерна потреба од нешто ново, недопрено и невидено, животот на Ричард Франсис Бартон, без разлика дали во некоја негова книга, во некоја ваква биографија па и фикција, убедливо треба да биде на врвот на секоја листа.
За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 14 мај 2014.
Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.
Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.
#СакамКнигаОдТРИ
Бошко Китанов