Книга: „Последната приказна“ – Ели Г. Радеска

Книга: „Последната приказна“ – Ели Г. Радеска

Трогателна приказна за едно друго време, за една силна жена и уште посилна љубов
Наша оценка: 10
Ваша оценка 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (15 гласа, просек: 9,60 од 10)
Loading...

Книга: „Последната приказна“ - Ели Г. Радеска

Во изминатите две години заедно со Ели ја имавме таа среќа, благодарение на најдобриот сајт во електронскиот простор во Македонија и соработката со добро познатите издавачки куќи, да ја споделиме љубовта кон книгите преку нашите рецензии, макар и не толку умешно, но со огромна желба да се поврземе со сите читатели кои ја делат истата страст. Иако токму книгите се секогаш најголемиот предизвик, секоја среда и секој втор викенд ново дело кое се надеваме дека ќе ги задоволи вашите интереси, верувам дека она што нè одржа свежи и желни за уште читање е токму одличната динамика и можноста да имаш со кого да се споредиш, да се надградиш и од кого да научиш нешто ново. Воведов беше потребен за да објаснам колку ми значи што сега имам можност да напишам рецензија токму за нејзиното првенче „Последната приказна“, а уште повеќе што станува збор за приказна која допира длабоко во срцето и која навистина вреди да се прочита.


Доделуваме 2 книги


Сара е млада и успешна новинарка која конечно ја остварува својата огромна желба, да ја открие приказната на Бисера, нејзиниот идол, писателка и жена со неверојатно животно искуство. Во топлиот дом на Бисера, опоен со мирис на рози и исполнет со љубов и грижа, Сара слуша од оваа силна бабичка за животот во едно друго време.

Приказната ја следи историјата на нејзиното семејство во мало македонско, грнчарско село која уште од почетокот е обоена со тага и губиток. Бисера била најмала во семејството со пет деца и уште како малечка поради последиците од војната ги губи родителите, па за неа се грижат постариот брат и сестрите. Немирен дух но со огромно срце, Бисера уште тогаш е различна од останатите. Поради нејзината желба за учење и читање, нејзиниот брат се решава да ја прати во големиот град да живее со нивниот братучед и да се школува. Раскажувањето за преселбата од малечко место во главниот град е збогатено со интересни приказни и секако емоциите на една млада девојка која во тоа време собира храброст да ги напушти најблиските за да се школува и да живее подобар живот.

Градот е огромен предизвик, но и шанса за возбудлив живот и остварување на соништата. Бисера учи, се менува и надградува за на крајот целосно да се претопи во средината и да го чувствува тоа место како свој дом. Тука нејзината креативност добива друга димензија и конечно може да го прави она што најмногу го сака, да пишува, па многу набрзо доживува успех откако е објавена нејзината прва книга. Но, ниту една приказна не би била комплетна без големата љубов да замеша прсти. Бисера го запознава Васил, интелигентен и топол човек кој ја гледа како да е најдрагоценото нешто на светот. Васил е професор во нејзиното училиште а Бисера, иако зрела и интелигентна, сепак е само ученичка. Иако умешно ја кријат нивната љубов долго време, набрзо се дознава и нивните среќни денови се целосно уништени. Васил оди во затвор поради афера со ученичка а Бисера мора да научи да живее без него, осудена од околината и од нејзиниот братучед кој ја напушта и ја остава да живее сама. Целосно напуштена и осамена, скршена поради тоа што нејзината голема љубов гние во затвор поради неа, Бисера се препушта на единствената светла точка која преостанува, нејзиното пишување.

Годините минуваат, Бисера брзо по завршувањето на школувањето станува професорка по македонски јазик, благодарение на нејзиниот успех со книгата. Токму кога почнува да размислува дека не сака да остане сама, дека сака дете и маж кој ќе биде покрај неа иако е свесна дека никој нема да го замени Васил, животот ѝ ги скрстува патиштата со Крсте. Шармерот и ласкач кој набрзо станува нејзин сопруг, се чини е нешто повеќе од она што се прикажува. Бисера наскоро сфаќа дека постои и полош вид осаменост од онаa кога си сам со книгите, полошо е да си во брак без љубов и со ужасен човек. Низ страниците исполнети со емоции и надеж дека некогаш повторно ќе биде во рацете на Васил, писателката раскажува за една силна жена која и покрај сите предизвици, успева да се издигне.

Романот може да се најде во книжарниците на Три, Табернакул и Матица. Бидете фанови на „Последната приказна“ на Фејсбук.

Мислам дека не постои девојка која нема да пронајде дел од себе во приказната на Бисера, секогаш во срцето ни е таа една голема љубов која никогаш нема да ја заборавиме, неретко забранета, а во некој темен агол на мислите тој некој кој ни го скршил срцето и не повредил. Требаше уште на почеток да си кажам дека се одлучив да не се мачам со објективност зaшто искрено не можам да бидам. Книгата неодоливо ме потсети на средношколските денови кога бев опседната со делата на Мир Јам, приказните за големите љубови и хероините со широко и силно срце. Ели ме врати во некое друго време и ме потсети дека меѓу луѓето кои ги среќаваме секој ден најчесто лежат најдобрите приказни.

Книгата е хронолошки прецизна, а следи и дел од настаните после земјотресот во Скопје што верувам ќе допре до многумина. Раскажувањето е топло а писателката вешто се префрла од еден лик на друг, со различен тон и дава подлабока димензија на приказната. За сите оние кои уживале во раскажувањето на нивните баби и дедовци за некои други времиња, сигурна сум дека ќе ја почувствуваат истата љубов и низ раскажувањето на Ели. Сè останато би било излишно, можам само најтопло да ја препорачам и да и посакам на Ели уште многу успешни и читани романи.

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдКафеПауза. Имате време до среда, 10 декември 2014.

Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар