Книга: „Мемоарите на една гејша“ – Артур Голден

Книга: „Мемоарите на една гејша“ – Артур Голден

Мастер дело кое ќе ве натера да се чувствувате како муштериите на една гејша – гладни за нејзината приказна

Книга: „Мемоарите на една гејша“ – Артур Голден„Не бев ни родена ни одгледувана да бидам гејша во Кјото“ така ќе рече Сајури, некогаш со име Чијо, една од најголемите и најпознатите гејши во Јапонија. Нејзината приказна се прелева низ страниците на едно книжевно дело кое ќе ве остави без здив, барајќи од вас да го препрочитате некогаш за повторно да се најдете во светот на гејшите доаѓајќи поблиску до нивниот начин на живот.

Што е гејша? Прекрасна девојка со лице како да е направено од порцелан, со стиснати црвени усни, со задача да ги забавува и придружува мажите небаре е нивна марионета. Случувањата во ова дело на Голден се сместени пред и по Втората светска војна и ја раскажуваат импозантната приказна на гејшата Сајури, а приказната на една гејша е секогаш богата.


Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ


Попладнето кога Чијо го запознава господинот Танака е најубавото но и најлошото попладне во нејзиниот живот. Тоа попладне засекогаш ќе ја оддели од нејзината „цврцната“ куќарка, како што таа го нарекува своето родно место, како и од нејзината мајка која ги вдишува последните мигови на смртната постела, и засекогаш ќе го уништи нејзиното семејство. Но од друга страна, тоа попладне ќе ѝ пружи неверојатна можност да живее живот за каков не ни сонувала, ќе ја изнесе во светот, ќе ѝ помогне да порасне но и да е вљуби.

Чијо, заедно со нејзината сестра, уште како мали девојчиња се продадени во Кјото за подоцна да бидат засекогаш одделени. Оставени се на милост и немилост во место каде девојката се проценува дали е добра инвестиција за да се вложат пари во нејзиното образование за гејша. Место каде времето поминато со една девојка се наплаќа зависно од нејзината вредност и каде таа не одлучува за сопствената судбина туку постои да им угодува и да ги забавува своите муштерии.

Приказната на Чијо продолжува во окијата Нита каде прво работи како слугинка. Таму е постојано малтретирана од злобната Хацумомо, успешна и убава гејша. Нејзиниот обид да избега од окијата ќе резултира со закана за многу лоша судбина. Имено, никој не би вложил во една таква девојка да се образува како гејша бидејќи девојката што бега не е добра инвестиција.

Но, еден ден еден постар човек кому сите му се обраќаат со „Претседателот“, ја наоѓа расплаканата Чијо, и во нејзините сино-сиви очи го гледа сопствениот одраз. Марамчето со монограмот на Претседателот, Чијо ќе го чува целиот свој живот надевајќи се дека еден ден повторно ќе го сретне и дека ќе му зарасне за срце. Оттогаш животот на младата Чијо полека ги составува коцките на место. Друга многу популарна гејша по име Мамеха ќе покаже интерес да ѝ биде постара сестра, што би значело дека ќе ѝ помага да стане гејша, ќе ја учи на сите оние работи кои треба да ги знае и ќе ја запознава со потенцијални муштерии.

Животот на Чијо, сега гејша Сајури, веќе никогаш нема да биде како порано. Нејзиното порцеланско лице со сино-сиви очи ги маѓепсува мажите, и иако навидум кршлива, небаре порцеланска кукла, Сајури има срце на лавица и храбро ќе преброди сè што животот ќе ѝ сервира на чинија.

Книга: „Мемоарите на една гејша“ – Артур Голден

Раскажувањето на нејзините мемоари за неа е како катарза, прочистување, ослободување на нејзината приказна која долго ја чувала скриена во себе. Можноста да се дознаат и најинтимните детали од животот на една гејша, не смее да се пропушти. Нејзините мемоари ќе ве доведат поблиску до една навидум толку далечна култура, како да е на сосем различен свет од нашиот. Ќе направи да се соочите со сиот сјај но и беда на тој далечен свет, како да го имате пред себе на дланка.

Она што ме маѓепса беше богатото раскажување придружено со многу метафори. Секогаш сакам кога оној кој ја доживеал приказната ми се обраќа во прво лице. Прави да се чувствувам поблиска до неговата судбина и на некој начин и јас да ја доживеам, макар и на кратко. Многу ми се допадна и тоа што гејшата се осмелува низ своето раскажување да ги крши наметнатите стереотипи за едно општество. Кога патот на нејзиниот живот ќе ја одведе на сосем друга страна на светот, признава дека кога ќе им каже на луѓето што работи тие ја сметаат за проститутка. Но смее ли да ѝ биде доделена таква титула од жена која оди со постар маж заради неговите пари? Нема разлика, и таа е издржувана од него како и јас што бев издржувана од друг, ќе рече Сајури.

Гејшата не ја живее сопствената судбина и посакуваната среќа. Гејшата служи за забава и восхит. Кон кој маж ќе покаже нежност, не зависи од нејзините чувства туку од неговата моќ да плати за нејзиното друштво. Во еден таков свет, ќе може ли Сајури да оди по патот кој ѝ го диктира срцето?

„Кога се бориме против струјата под која сè уште има карпесто дно, трагањето по секоја потпора за ногата може да има животна нужност.“

Книжарница ТРИ, ГТЦ, I кат
тел: 02/3238-722
knizarnica@kniga.com.mk

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 9 април 2014.

Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.

Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар