Книга: „Малина“ - Ингеборг Бахман

Книга: „Малина“ – Ингеборг Бахман

(1) Книга: „Малина“ - Ингеборг Бахман„Малина“ е објавена 1971 година во Германија и претставува прва книга од трилогијата на Ингеборг Бахман „Видови смрт“, за многумина дело низ кое писателката на исклучителен начин ги истражува „начините на кои може да се умре“ предизвикани од внатрешните пориви и конфликти на еден човек и надворешните влијанија почнувајќи од историјата, религијата, политиката па сè до семејството и односите со другите луѓе. За жал, иако Бахман ги започнала и останатите две книги, трилогијата никогаш не била завршена поради трагичната смрт на писателката во пожар кој избувнал во нејзиниот стан во Рим.

Книгата е пишувана во прво лице и претставува патешествие во потсвеста на една жена, љубовна приказна во која имаме можност да бидеме дел преку нејзините најинтимни мисли и чувства. Психолошки монолог во кој таа ни ја открива нејзината врска со Иван и животот на улицата Унгаргасе, свет заштитен од надворешноста и од другите луѓе, место каде што таа и Иван „живеат и го штитат она што е нивно и не смее да биде допрено од другите“.


Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ


Низ книгата сепак откриваме дека постои исклучок и од ова правило, трета личност која несомнено е дел од нивното секојдневие и има огромно влијание врз нивните животи. Малина е човекот со којшто таа (нараторот) го дели својот стан, повеќе сенка која успева да исчезне секогаш кога Иван е присутен, а сепак преку константни разговори ги поттикнува нејзините најголеми стравови и сомнежи и на тој начин влијае врз одлуките кои ги носи.

Читателот го следи овој необичен триаголник и насоката во која се развива нејзината врска со Малина и со Иван. Влијанието на Малина врз нејзината психа најмногу се чувствува кога под негов „притисок“ таа почнува да размислува, да се потсетува и да ги анализира трауматичните искуства од детството кои ѝ ги нанел нејзиниот татко и кои пак ги иницираат нејзините кошмари кои можеби се најтешкиот дел од целото дело. Овие кошмари на некој начин ја откриваат суштината на книгата, смртта на жената во патријархалното општество, но смрт во смисла на губење на нејзиниот глас и уништување на нејзиното право на самостојност.

Книга: Малина - Ингеборг Бахман

Како што се одвиваат настаните, станува сè појасно дека овој бизарен триаголник никако не би можел да функционира, и дека таа е растргната помеѓу опседнатоста со Иван кој сè повеќе губи интерес за неа, и Малина кој ја разнишува нејзината психа.

За мене, „Малина“ беше исклучително тешка и конфузна книга и на моменти се чувствував дека треба да посветам или целосно внимание и концентрација или пак да прелетам низ речениците и страните додека не го најдам наредното интересно делче кое целосно би го заслужило мојот интерес. Особено ги сакам книгите пишувани во прво лице, но со „Малина“ за првпат се чувствував како да сум заробена во мислите на еден лик кој истовремено не можете да го разберете ниту пак сакате да го напуштите. Но од истите причини, за оние кои ќе се решат да ја земат во раце, но и да ја дочитаат, верувам дека ќе се поврзат со главниот лик на едно неверојатно длабоко ниво. Токму поради ова не ме ни чудеа коментарите на критичарите кои гледаат на книгата како на автобиографско дело со оглед на интимноста на која ќе наидете со секоја нова страница.

За крај, како мамка за вљубениците во книгите:

„Читањето е порок, кој може да ги замени сите други пороци или повремено на нивно место да им помогне поинтензивно да преживеат, тоа е бегање од реалноста, зависност која те разјадува. Не, не, не земам никакви дроги, земам книги, се разбира дека има и такви кои ги претпочитам, многу книги не ми годат, некои ги земам само претпладне, други само ноќе, постојат книги кои не ги испуштам од рака, се влечкам по станот со нив, ги носам од дневна во кујна , ги читам стоејќи во ходникот, не употребувам ништо за да означам до каде сум стигнала, не ја движам устата додека читам…“

Книжарница ТРИ, ГТЦ, I кат
тел: 02/3238-722
knizarnica@kniga.com.mk

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до вторник, 26 ноември 2013.

Добитниците ќе бидат објавени на профилите на Кафе пауза на Фејсбук, на Твитер и на Пинтерест.

Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар