Книга: „Љубовникот“ – Маргерит Дирас
Приказната за „Љубовникот“ можете да ја раскажете во две реченици, всушност ниту на самата Дирас не ѝ биле потребни многу страници. Настрана контроверзноста и налудничавоста кои ќе ги насетите во тие две реченици, потребен ви е секој збор на Дирас токму онака како што е напишан, без кратење, без забрзување и без прескокнување за да го откриете секој слој сѐ до суштината, без разлика дали на крајот ќе бидете разочарани или воодушевени.
Книгата е делумно автобиографска, мисла што гарантирано ќе го следи читателот низ страниците, особено додавајќи на тежина на одредени сцени кои и онака будат комплицирани чувства.
Приказната е сместена во 1920 година во Индокина (Сајгон) каде што главниот лик, 15-годишна девојка се има преселено со нејзината мајка и двајца браќа. Нејзиното семејство е во најмала рака дисфункционално, со исфрустрирана мајка која го фаворизира постариот брат кој патем е паразит, коцкар и опседнат со неговата помала сестра, помало братче кое набрзо ќе почине и на крајот самата девојка со уништено детство и ниски морални вредности.
„Многу бргу во мојот живот стана многу доцна…“ На 18 години нејзиното лице добива сериозен, старечки лик, изгледа истрошено и празно, што подоцна ќе го надополни со склоноста кон алкохолот и конечно ќе ја комплетира целосната слика на залудно потрошен млад живот. Што е најтрагично, семејната состојба не е главната причина.
Во горчливото секојдневие случајно го запознава него, Кинез во доцните дваесетти години од неговиот живот, привлечен од несекојдневниот изглед на „белата“ девојка на која ѝ приоѓа со треперлива рака и ѝ нуди цигара. Тој е богат млад човек кој го прошетал светот, од познато семејство, но во тие години во Индокина се чувствува под неа, под нејзината раса, под нејзиното бело лице и тело. Таа брзо открива дека тој е всушност во нејзина власт и брзо ја започнува нејзината манипулативна игра. Тестира и проверува, повеќе од здодевност отколку од љубопитност, до каде може да оди, што може од него да добие и колкава е неговата моќ врз него, а со тоа и врз сите други кои можеби ќе дојдат после него.
Интересно, освен во делот кога му нагласува дека не смее да се заљуби во неа во ниту еден момент не размислува за љубов. Во ниту еден момент не чувствува грижа на совест, ниту кога неговата лимузина ја остава пред интернатот, ниту кога ќе дознае нејзиното семејство и другарките ќе ја отфрлат. За неа тој е возбуда, начин за бегство од секојдневието сосема случајно со длабок џеб и црна лимузина во која обожава да се вози наоколу. Со истата леснотија на крајот го остава и си заминува во друга држава.
Книгата е доста конфузно пишувана, Дирас еднаш раскажува во прво лице а потоа во трето, споделува спомени од еден период па нѐ носи во друг како незапирлив времеплов, но сепак нејзиниот талент е неоспорен. Всушност, настрана приказната која многумина ја осудуваат, зборовите течат со неверојатна умешност, па дури и кога ве збунуваат.
Знам доста на кои им се допаднала, читав критики на многу луѓе кои сметаат дека книгата е фасцинантна, преведена е на повеќе од 40 јазици и Дирас за неа има добиено награда. Но, мене ми остави горчлив вкус во устата и некоја чудна раздразливост со последната страница, уште повеќе што автентичноста на нејзините мисли, вистинитоста во приказната направија повеќе да ја мразам отколку да сочувствувам со неа.
Можеби со право книгата се вика „Љубовникот“ а не „Љубовниците“ со оглед на тоа што низ страниците се чувствува само нагласениот сексуален набој, а љубовта, неговата љубов останува да лебди во застојаниот воздух и никогаш вистински не допира до нејзиното срце. Во секој случај, ова е дело што го менува текот на нештата, што остава трага и кај читателот но и во историјата, книга што можете да ја сакате или да ја мразите, но мора да ја прочитате.
За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 28 мај 2014.
Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.
Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.