Книга: „Љубов во време на колера“ – Габриел Гарсија Маркес
Маркес за многумина е неизбежна станица на бескрајното патување кое го нудат светските љубовни класици, за мене, морам да признаам, беше неистражена територија. Сега, можам слободно да потврдам дека листата на срцепарателни романи не е комплетна ако на неа не се наоѓа дело од овој нобеловец, особено пак, кога станува збор токму за „Љубов во време на колера“. На мојата листа, книгата се качуваше и се симнуваше и досега не стигна до врвот токму поради насловот, да бидам искрена. Невозможно е да не ве натера да размислувате за неостварена и трагична љубов, затоа што нели, се случува во време на колера и некако однапред е осудена на пропаст. Но, пропусти од ваков тип се случуваат кога книгата ја судите по корицата или во овој случај, по насловот.
Сепак, верувам дека пристигна во мои раце токму навреме. Модерните љубовни приказни имаат некоја друга димензија, избрзани, отворени и ниту малку дискретни, може да се каже дека им недостига старинскиот шарм на исчекување на романтиката. Тука, љубовни исчекувања имате до бесвест, и ќе уживате во нив.
Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ
Главните херои во оваа љубовна драма сместена во егзотичните Карипски острови се вплеткани во еден комплициран триаголник на романтика, страст и болка. Овие љубовни триаголници, вечна инспирација за добри и не толку добри романи, нудат таква возбуда и срцебиење што е невозможно човек да не се запраша што пропушта. Немојте да ве залаже бавниот почеток, Маркес намерно ве успива со приказните за стариот брачен пар во веќе поодминати години од нивните животи, за потоа лист по лист да ве буди и да ве остава без сон со возбудливите денови од нивната младост.
Флорентино Ариса е младо момче, скромно, работливо и со отворено срце. Со младешка наивност се препушта на исчекувањата и разочарувањата коишто може да ги донесе само љубовта, во моментот кога ја здогледува Фермина Даса – девојката која оддалеку ќе ја сака педесет години, девет месеци и четири дена. Нивната романса започнува типично за времето во кое приказната е сместена (во периодот од 1880 до 1930 година), со скришен поглед преку еден крај на паркот до другиот, со тајно писмо испратено преку дадилката, до душа во овој случај тетката на Фермина, и конечно со откривање на романсата од страна на нејзиниот закоравен татко, кој плашејќи се да не се омажи „пониско“ отколку што очекувал, ја носи на долго патување подалеку од несудената љубов.
Кога конечно, Фермина после долго време се враќа назад и го здогледува повторно Флорентино, сфаќа дека големата љубов која ја негувале толку долго време и на толкава далечина била всушност само младешка илузија и го одбива на најстуден можен начин. Нашиот заљубен херој во годините што следат, после бројни обиди да ја врати љубовта на Фермина, останува сам, разочаран но и со добро развиен бизнис и завидна бројка на љубовни афери. Фермина пак, се мажи за најпосакуваниот ерген, доктор Хувенал Урбино, миленикот на градот. Она што изгледа како крај на младешката љубов, со текот на времето всушност се претвора во еден од највозбудливите, страсни триаголници кои можете да ги најдете само во вакви феноменални дела.
Пишувањето на Маркес е хипнотичко, полека ве вовлекува во приказната и пред да се свестите, веќе сте заразени и длабоко навлезени во оваа љубовна сплетка. Описите на егзотичниот остров, контрастите кои ги користи за да ја долови убавината на местото опкружено со сиромаштија, болести и нечистотија е мајсторски изведено. Ќе љубите и ќе тагувате заедно со ликовите но никогаш премногу очајно и депресивно благодарение на нишката хумор (понекогаш црн) што се вовлекува низ страниците.
За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 5 февруари 2014.
Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.
Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.
#СакамКнигаОдТРИ Snezana Spasenovska
#СакамКнигаОдТРИ Caci Spasenovska
#СакамКнигаОдТРИ Наташа Ангелова
#СакамКнигаОдТРИ ; Елена Наумоска
#СакамКнигаОдТРИ Atanas Spasenovski
#СакамКнигаОдТРИ Marko Spasenov
#СакамКнигаОдТРИ Slagjana Trkaleska Spasenovska
#SakamKnigaOdTRI
#СакамКнигаОдТРИ Caci T.Spasenovska