Книга: „Љубов“ – Лоранс Плазне
Роман кој ќе ве одведе во други времиња и светови…
Наша оценка: 6/10
Ваша оценка:
„Тој ја посака истиот момент. Затоа што беше нешто забрането и беше неверојатно таа да се заинтересира за него затоа што беше девица и затоа што би поцрвенела кога би ја слекол гола. Можеби би плачела кога би ја допрел. Таа глетка би била најубавото задоволство.“
Ако сте подготвени да читате нешто поразлично… еве го нашиот предлог.
Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ
Срцето на младата госпоѓица Алберт лесно ќе му се предаде на господин Де Рамон. Така млада, убава, невина и чиста, сонува за вечна и возвишена љубов како онаа опевана во сказните и романите. Книгата нè води низ животниот пресврт на госпоѓица Алберт која ќе излезе од невиниот детски свет и ќе зачекори во светот на возрасните со сите негови валканици. Ги претставува мислите, сомнежите, несигурностите и конзервативноста на една католичка девојка од едно друго време.
Едноставна а префинета, чудесна и несекојдневна, оваа книга ќе ви покаже класични ликови од класичните новели. Протагонистката е богата, убава, учена. Преку светот на поврзаните букви и зборови, ќе влезе во сензуалните води и ќе стане жена со страст подготвена целосно и безрезервно да ѝ се предаде на љубовта. Господинот Де Рамон не е многу анализиран, ниту пак неговото однесување е јасно, но токму тој е човекот кој ќе ја одведе госпоѓица Алберт на ова чудесно патување. Нејзината невиност и резервираност е она што ја буди неговата страст, и тие продолжуваат да се следат и бараат себеси… во пишаниот збор, меѓу книгите, сонот и јавето, тишината, заборавот и незаборавот.
„Презир кон плотта. Таа е само кал и крв, коски и нерви, вени врзани со артерии. Секој ден, уште од детството, твојата плот се распаѓа. Ја губиш косата. Оставаш зад себе парченца од ноктите. Лачиш повеќе ѓубре отколку друго. Твојот здив е ветер што го вдишуваш и го исфрлаш за да го вдишеш повторно. Ништо од сето тоа не си ти, а ако ти не си таму, што те лути?“
Не е класична приказна за љубовта, но напишана е баш без влакна на јазикот. Остар, прецизен, мудар начин на изразување. Кратки реченици од кои сами ќе треба да одгатнете повеќе. Кога ќе ја читате ќе ви се чини дека сте во филмувана верзија на некоја од класичните љубовни новели од 18-ти и 19-ти век. Доколку сте љубители на несекојдневни љубовни приказни, на едноставен но длабок јазик и меланхолично, по малку мрачно и поетско изразување, ова е книга за вас.
„Само пред неполн час минав покрај вас, љубов моја, што сакав да го искористам на поинаков начин.“
За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 29 октомври 2014.
Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.
Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.