Книга: „Индиго Бомбај“ – Јагода Михајловска – Георгиева
„Табуизирана, многу чувствителна тема, недопрена од нашата литература… разлазува морници но и вознесува од восхит…“
Ви го претставувам романот кој ќе ви ја затресе почвата под нозете, ќе ве подигне високо над сите плиткости на овој свет и ќе ви го полази телото со морници. Копнеж по новото, непознатото, долгови кои мора да се исплатат, но материјални се или духовни? Еден куп средби, случајни или намерни? Љубов, тајни, разделби и нови видувања. Дали навистина секој чекори по овој свет со намера, цел, причина?
„Роман – сочно животен и недофатно мистичен. Драматичен. Возбудлив. Тревожен. Успокојувачки. Тажен и радосен. Длабок и висок. Темен и светол. И доживеан низ лично искуство. Затоа вистинит.“
Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ
Ана е странкиња која престојува во Бомбај, но набрзо ѝ додева луксузниот хотел и средбите со пријателите. Се чувствува дека е херметички затворена. Таа сака слободно да излезе, да го искуси Бомбај, бестрашно да зачекори по мрачните улици каде преовладува глад, беда, сиромаштија, мизерија… Таа знае дека има некаква цел, во соништата некој ја потсеќа за нејзиниот долг, но кој да ѝ го покаже патот?
Гаруда е младо момче од Индија кој е решен да го продаде својот бубрег за да се избави од ужасната сиромаштија во која живее заедно со мајка си. Негова најголема радост и желба е да ѝ купи на мајка си сандали за да не оди боса.
Ана и Гаруда, навидум толку различни и далечни, имаат многу нешта преку кои се поврзани. Поврзани преку волшебните бои, мириси и звуци, преку мислите, соништата, краевите и почетоците. Но поврзани и преку Бистрај, кој некако мистично се појавува кога најмногу им е потребен.
Бистрај е оној кој ја спасува Ана од немилосрдните канџи на жителите на Бомбај за подоцна, под своја заштита, да ја изведе на улиците соочувајќи ја со ужасни и грозоморни слики. Таа чувствува дека тој ѝ е потребен, не само како водич низ Бомбај, туку и на едно повисоко, духовно ниво. Меѓу нив се јавува една поинаква, платонска, бестелесна љубов.
Романот е сплет на мистерии. Кој е таинствениот продавач на бои што ги обележува челата на Ана и Гаруда? Што се крие во вторите имиња на ликовите? Ана е и Ананда Маи, Бистрај е и Чандалока, Гаруда е и Бела Птица.
Би го окарактеризирала романов како збир од многу прашања и чувствителни теми кои за првпат отворено се зачнуваат во нашата литература. Теми и случувања пред кои ќе посакате да ги затворите очите, но сепак знаете дека се сурово реални. Колкава може да биде сиромаштијата и бедата на еден народ? Колкава може да биде големината на човековата душа? Колку е моќна љубовта, доволно ли за да те придвижи вон овој свет?
За крај би рекла дека е роман кој секој мора да го доживее, да пропатува низ него збогатувајќи се со секоја нова страница. Токму поради тоа станува збор за еден скап и духовно богат роман.
За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 1 јануари 2014.
Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.
Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.
#СакамКнигаОдТРИ Maja Todorova