Книга: „Ејми ја нема“ - Џилијан Флин

Викенд книга: „Ејми ја нема“ – Џилијан Флин

„Љубовта треба да бара партнерите постојано да бидат најдобри што можат. Безрезервната љубов, безусловната љубов е недисциплинирана љубов и, како што сите ние видовме, недисциплинираната љубов е катастрофална.“
Наша оценка: 10/10
Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (15 гласа, просек: 9,80 од 10)
Loading...

1-kniga-ejmi-ja-nema-dzhilijan-flin-kafepauza.mk

Епа драги мои, трилерот којшто се продаде во два милиони примероци за една година, којшто се задржа 38 недели на листата на бестселери на Њујорк тајмс и кој само што ја доживеа својата филмска адаптација која веројатно сите вие веќе ја погледнавте, раскажува за една поинаква љубов. Морничава, напната, нечиста, манипулативна, убиствена љубов, за којашто нема да можете да престанете да размислувате и да ја анализирате пак и пак сè додека не се откажете, затоа што како и сите „љубови“ впрочем и оваа е нелогична. Но, возбудлива до лудило.


Доделуваме 2 книги во соработка со издавачката куќа Сакам книги


Сетете се на најдобриот пар што го имате запознаено. Знаете, оние кои потајно ве прават љубоморни, двајцата прекрасни и згора на сè неверојатно компатибилни. Ник и Ејми се тој пар. Е сега замислете економска криза, губење работни места, преселба во мал град и одеднаш совршениот пар е далеку од совршен. Помислувате на секојдневни караници за финансиски проблеми, семејни односи и други типични несогласувања. Но, тука има нешто повеќе. Ејми еден ден туку-така исчезнува, а Ник избезумен се наоѓа сред хаос од медиумско и полициско внимание врз случајот. Приказната ја раскажуваат и двајцата, но на почетокот во различни временски периоди. Додека Ник се обидува да ја пронајде сопствената жена, Ејми ни се доверува преку нејзиниот дневник за нивната врска на почетокот. Се чини, проблемите на некогаш заљубениот пар се далеку покомплицирани и имаат силна психолошка позадина која во нијанси се открива низ страниците.

Ник е дефинитивно сомнителен. Следејќи ги трагите кои неговата сопруга ги оставила за да го пронајде подарокот за годишнината, постојано запаѓа во нови непријатни ситуации кои го прават да изгледа виновен во очите на јавноста за нејзиното исчезнување. Доказите се сè побројни и поуверливи, а дневникот на Ејми ја открива неговата мрачна и насилна страна. Единствената личност која му верува е неговата сестра Го, која нема да му сврти грб ниту кога ќе се открие дека Ник ја изневерувал сопругата. За сите останати, тој е дефинитивно негативецот. Сè додека не ја запознаеме вистинската Ејми.

Книгава не можев да ја заборавам, едноставно не можев да ја извадам од глава додека ја читав и постојано им раскажував на блиските што се случува. Реакциите воглавно можам да си ги сместам во две групи:

  1. Мажите се идиоти и никогаш не се мажам
  2. Жените се луди и немојте никогаш да се жените
  3. Книгава е закон

Третово е всушност заклучок до кој дојдов уште со првите дваесеттина страници. Џилијан Флин го има напишано совршениот психолошки трилер и сигурна сум дека долго време ќе биде на врвот на моите листи. Неверојатно интелигентно напишана книга со оригинални ликови кои целосно ќе ве опседнат. Приказна за една налудничава љубов која ќе ве натера да ја преиспитате сопствената врска или да се пикнете под ќебе со саканата личност и да се радувате на едноставноста на животот. После Ејми и Ник, верувам дека многумина ќе бидат благодарни за партнерите и љубовта која ја имаат. А некои веројатно ќе се откажат од бракот како опција.

Изданијата на Сакам Книги можете да ги набавите од сите поголеми книжарници.

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдСакамКниги и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до недела, 16 ноември 2014.

Добитниците ќе бидат објавени на профилите на Кафе пауза на Фејсбук, на Твитер и на Пинтерест, а наградите ќе бидат доставени по пошта.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар