Книга: „Четири спогодби“ – Дон Мигел Руис
Практичен водач кон личната слобода
Наша оценка: 7
Ваша оценка:
Ова е книга со каква што човекот од западната цивилизација не се среќава често. Нејзината благост, која потсетува на изворните учења на Исус и Буда, е облагородена со длабоката мудрост на стариот индијански народ – Толтеци, коишто според легендите не изумреле, туку само ги пронашле повисоките сфери на духот. Толтеците првенствено биле уметници и научници кои се собирале како учители (нагвали) во Теотихуакан, древен град во близина на Мексико, познат како место на кое „човекот станува Бог“. Толтечкото знаење потекнува од истото суштинско, вистинско единство како и сите други свети езотерични традиции ширум светот. Насочено е кон духовноста и најточно може да се опише како начин на живеење што нè води по патот на среќата и љубовта. Иако стотици години биле скриени под превезот на тајната, древните пророштва навестувале дека ќе дојде време кога ќе биде неопходно таа мудрост да им се врати на луѓето.
Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ
Сега Дон Мигел Руис, нагвал од родот Витези на орелот, го споделува со нас своето толтечко учење. Во книгата тој зборува за тоа дека луѓето, дури пред да се родат, веќе создаваат еден голем надворешен, општествен односно планетарен сон, кој ги вклучува сите општествени правила, верувања, закони, религии, култури, влади, училишта. Како деца, луѓето немаат можност да ги изберат своите верувања, туку се согласуваат со информациите што им се пренесени преку другите луѓе од планетарниот сон. Тие не ги избирале тие верувања и можеби се бунеле против нив, но не биле доволно силни за да победат во својот бунт. Како последица на тоа, им се препуштиле на тие верувања и склучиле сопствена спогодба. Овој процес Мигел Руис го нарекува припитомување на луѓето. При тоа припитомување тие учат како да живеат и како да сонуваат. Во припитомувањето на луѓето информациите од надворешниот сон се пренесуваат во внатрешниот сон обликувајќи цел систем на верувања. Надворешниот сон ги учи какви треба да бидат како луѓе. Од ден на ден, дома, на училиште, в црква, на телевизија им кажуваат како треба да живеат, какво однесување е прифатливо.
Ако сакате да живеете среќно и задоволно, мора да имате доволно храброст да ги раскинете спогодбите востановени од други луѓе, а засновани врз стравот, кои ви ја одземаат силата. Дон Мигел Руис зборува за тоа дека ако не сте задоволни со вашиот животен сон, треба да ги измените тие спогодби и да склучите четири многу моќни спогодби кои ќе ви помогнат да ги раскинете оние што потекнуваат од стравот и ви ја намалуваат енергијата. Ако ги усвоите овие четири спогодби, вели тој, ќе добиете доволно лична сила и храброст да го измените целиот систем на вашите стари верувања, а тие накратко гласат:
1. Беспрекорно користете го својот збор – Зборувајте почитувајќи го својот интегритет и кажувајќи го она што навистина го мислите. Не озборувајте и користете ја моќта на зборовите во правец на вистината и љубовта.
2. Ништо не сфаќајте лично – Ништо што прават другите не е поради вас. Кога сте имуни на мислењето и постапките на другите, не може да станете жртва на непотребно страдање и измачување.
3. Не правете претпоставки – Имајте храброст да поставувате прашања и да кажете што сакате навистина. Комуницирајте со другите што е можно појасно, за да ги избегнете недоразбирањата, болката и драмите.
4. Секогаш направете сè што можете – Во која и да било ситуација направете сè што можете и ќе нема потреба да се осудувате и измачувате себеси, исполнувајќи се со негативни чувства и каење.
Секој треба да ги применува овие четири реченици за темелно да го промени својот живот. Иако ова можеби звучи смешно, сепак вреди да се обидете и да му дадете шанса на ова толтечко учење. Овие едноставни начела и мудроста која се крие зад нив, ќе ви отворат нови хоризонти, ќе ве наоружаат со храброст и самопочит и ќе ве научат засекогаш да се ослободите од срамот, каењето, самопрезирот. Барем така вели Дон Мигел Руис. Секако, тоа нема да се случи одеднаш и потребен е огромен труд, трпение и упорност. Но, ќе успеат само оние кои навистина веруваат.
Иако „Четири спогодби“ не е грандиозно литературно дело со богата вредност, сепак е просечно практично четиво кое во одредена мера може да ви помогне во пронаоѓањето на личната слобода и да ја поттикне желбата за промена. Не очекувајте премногу. Едноставно не правете претпоставки и прочитајте ја книгата. Заборавете на предрасудите и ограничувањата за ваквиот тип книги и отворете се за можна лична трансформација. Можеби навистина е време за нова спогодба со себе и својата душа. А најдобриот начин да го направите тоа е веќе да склучите спогодба да ја прочитате „Четири спогодби“!
За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 1 октомври 2014.
Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.
Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.