Книга: „Бело-црвен свет“ – Дорота Масловска
Ако имате барем малку идеја што се случува во светов во последно време, книгава не би требало да ја пропуштите
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Дорота Масловска имала само 18 години кога ја напишала „Бело – црвен свет“. Романот, примен од критичарите и од публиката со широко раширени раце, свеж литературен бран во младешки, контроверзен стил, е сè уште своевиден феномен и сè уште нашироко се зборува за истиот. Масловска има доживотно членство во клубот на големите имиња, а со првите неколку страници ќе сфатите дека е целосно заслужено, дури и ако не го повтори успехот со ниту едно друго дело.
Впрочем, не мора ниту да ви се допаѓа книгата, дури многу веројатно е дека темата и стилот на пишување ќе бидат тешко сварливи за некои, но не верувам дека постои читател кој би можел да го оспори талентот, имагинацијата и способноста за конструктивна критика на младата авторка. Особено ако земеме во предвид дека поголем дел од осумнаесетгодишниците не гледаат ни вести а камо ли да имаат волја и способност да напишат книга која во завиена форма и преку младешки глупирања всушност ќе му тресне во фаца некои сериозни муабети на општеството.
Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ
Главниот лик е Анджеј, или „Силниот“ ако баш сакате, бидејќи е главен во друштво, дрзок на јазик и остар во размилувањата, веројатно бидејќи поголем дел од времето е на спид и плус врти неколку женски во книгата. Го запознаваме во моментот кога неговата голема љубов Магда му пренесува преку нејзината другарка дека меѓу нив е готово. И Магда е на спид поголем дел од времето, плус се мафта со руски војници. Анджеј, нормално ја мрази поради тоа, но земено во предвид дека не прави нешто многу покорисно со неговиот живот а и можеби ќе може да ја легне пак во скоро време, спремен е да и прости и некоја таква грешка. Не дека е ова нешто многу трагично, горе – долу нивните животи не се разликуваат од животите на нивните врсници. Поголемиот дел од нив се невработени, без перспектива, огорчени и конфузни. Плус, се наоѓаат сред полско – руска војна под бело – црвено знаме.
Сцените и разговорите, горчливи во поголем дел од романот, се пренесени низ конфузни и набиени мисли на Анджеј кој дури и разговорите со другите му ги прераскажува на читателот, како да ги преработува прво и никогаш како да не ни дава „директно“ да ги слушнеме другите ликови (сигурно постои соодветен термин за ова, таму некаде во книгите по македонски јазик).
„Името ти е убаво, Магда, исто како и твоето лице. Твоите раце се убави, твоите прсти, нокти, нели можеме да останеме заедно? Ако сакаш, ќе те однесам одовде каде сакаш. Можеби дури и во болница, ако е неопходно. Ме прашуваш дали сум пиел, е па, сум пиел, ама не е ничија работа дали сум пиел или не. Ајде одиме, ајде само да влеземе во колата и да одиме, ќе те однесам секаде, дури иако десет илјади Руси сакаат да ни направат тестови за алкохол и дрога. Ми велиш да не те заебавам, да престанам…“
Некогаш не можев да одлучам дали навистина е дијалог или сè се случува во неговиот ум. И помеѓу сите „љубовни“ дискусии, драми и расправии кои единствено асоцираат на незрелост и преголема конзумација на дрога одеднаш се наоѓате сред монолог за некое општествено прашање. Сите прашања тргнуваат од политика, од војни, од слаба економија, од лошо образование, од нефункционални семејства и се враќаат пак таму, со ниту еден одговор, само некој краток горчлив бунт кој никој не го перцепира.
„Не се согласувам многу со даноците, предлагам држава без даноци, каде што моите родители нема да се убиваат од работа за некои принцови што пушат и си имаат свои апартмани и телефонски броеви во време кога работите не се баш толку едноставни. Како и да е, како што реков, економската ситуација во земјава е категорично заебана…“
Книгата е сплет на набиени случки, од трагични разговори до халуцинации од спид па до некои просветлувачки моменти кои кратко траат. Анджеј и сите попатни ликови се само одраз на уништена младина до срж, бунтовници со причина но без кауза. Трагично, но поголем дел од нив не знаат ниту на која страна треба да се свртат. Масловска, дури им се приклучува како еден од ликовите при крајот, генијален потег кој само додава на оригиналност. На моменти, чувството е како да сте вовлечени во „Requiem for a dream“ во генијалната режија на Дарен Аронофски, па се префрлате во сцени на „Trainspotting“ на Дени Бојл, а корицата неизбежно ме потсети на „Romper Stomper“ на Џефри Рајт… ако овие се наоѓаат на вашата листа на топ филмови, книгава не би требало да ја пропуштите. Всушност, ако имате барем малку идеја што се случува во светов во последно време, не би требало да ја пропуштите.
За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 26 ноември 2014.
Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.
Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.
I dobitnicite see? 🙂