Книга: „Белата светлина во Париз“ – Тереза Ревај
Прекрасна, романтична приказна која ќе ве поведе низ времето и ќе направи да се вљубите
Наша оцена: 9/10
Ваша оцена:
Кога станува збор за книгите, не постојат граници, тие не стареат и не губат на вредност. Книгата може да биде актуелна без разлика пред колку време била издадена. Така, без да мислам на најновите „трендови“ во светот на книгите, патот неочекувано ме доведе до една прекрасна, така спокојна и елегантна романтична приказна која секому би му ја препорачала. Особено мојата препорака оди до сите романтични девојки (а зошто не и момци), кои ја сакаат токму оваа ненаметлива елеганција во пишувањето и по природа се „стари“ души. Оваа книга е совршена за вас.
Во Русија се разбранувани тешки времиња, времиња на војна, немири, судири, грабежи и брутални убиства како она на царот Николај II и целото негово семејство. Во такво бурно време убавата Ксенија Фјордоровна Осолин треба да го прослави својот 15-ти роденден во семејната идила опсипена со многу љубов. Но, многу брзо оваа идила се растура на еден ужасен начин со бруталното убиство на нејзиниот татко, генералот Фјодор. Бидејќи нејзината мајка е во блажена состојба, нејзината гуверната е стара, а сестра ѝ е сè уште премногу малечка, Ксенија ќе мора за брзо да заборави на безгрижното детство и да дозволи предвреме на грб да ѝ паднат сите грижи на суровиот свет на возрасните. Така, собира храброст и одлучува дека целото нејзино семејство мора што побрзо да замине од Русија, нејзината татковина која нажалост не е веќе идилична глетка и место за спокоен живот.
Ксенија стигнува до Париз, градот на светлината, но по пат ја губи нејзината мајка која ќе почине од исцрпеност на бродот во текот на патувањето. Ксенија сега на товар го има целото нејзино семејство, вклучувајќи го и штотуку роденото братче на кого ќе мора да му биде и родител и сестра. Помалата сестра на Ксенија, Маша, се соочува со голем шок. Таа не расте во присебна и зрела личност како Ксенија, туку не може да го остави минатото зад себе. Маша го сака луксузот од нејзиното детство, ги сака парите и комфорниот живот и ѝ задава маки на Ксенија која упорно пробува да ги држи работите под контрола.
Иако предвреме измачена од животот, Ксенија е сепак преубава девојка во чие лице како да е собрана целата светлина на Париз. Ова нема да му избега на еден познат креатор кој е маѓепсан од нејзината убавина, па таа почнува да работи како модел. За брзо животот ќе ја донесе до нејзината голема љубов – згодниот берлински фотограф Макс, кој, на големо разочарување на неговиот татко, не е заинтересиран за војна и политика и не сака да биде славен војник кој ќе излезе на браникот на татковината, туку одбира да фотографира.
Ксенија и Макс како да се родени во погрешно време. Нејзината убавина и неговиот талент за забележување на убавото не соодветствуваат на ужасите на тоа време. За брзо меѓу нив ќе се јави нескротлива страст и жед за другиот, љубов за која може да прочитате само во книгите. Но, нажалост истите тие бурни времиња ќе ги разделат и ќе ги однесат секој на својата страна. Сепак, има нешто што ќе ги спои засекогаш, нивната ќерка, плодот на нивната љубов, нераскинливата врска меѓу нив двајца…
Со еден збор волшебна приказна која продолжува во вториот дел насловен „Сите соништа во светот“, за кој можеби ќе зборуваме во наредна прилика. Книгата е под издаваштво на „Матица“, прекрасно преведена и доловен е секој магичен миг. Ќе се вљубите во ликот на Ксенија во кој се преточени целата убавина и нежност на една жена, но истовремено и силата, борбеноста и одлучноста. Топло и искрено ја препорачувам бидејќи е далеку од секоја обична љубовна приказна и во никој случај не е само љубовна. Ако сакате да патувате низ времето, ова е нашиот предлог за вас.