Ексклузивно – Белешките на Лајла Грејс: Карма од Марија Јаневска
Денес излегува од печат и ќе има промоција продолжението на Белешките на Лајла Грејс – Карма. Ние имавме можност први да ја прочитаме книгата и да ги споделиме впечатоците пред официјалното излегување. И наедно, да ви доделиме најпрви примероци!
Не е случајно што Белешките на Лајла Грејс доживеа толкав успех и веднаш стана бестселер. И иако некои велеа дека е тоа книга само за млади, верувајте, токму тие се оние кои барем еднаш скришно ѕирнале, а и ја прочитале книгата. И продолжението ветува исто толку многу како и првата книга.
Лајла е млада девојка, полна со дух, елан и ентузијазам, дише со полни гради. Лајла е девојка како мене, тебе, твојата најдобра другарка, девојката која ја гледаш отспротива во автобусот, сосетката со која се поздравуваш секој ден во лифтот… Лајла ги проживува истите премрежија како и јас и ти – љубовни болки, скршено срце, недоумици, сплетки, несоници, урбани ситуации и животни предизвици.
Она што многу ми се допаѓа кај Карма е кусоста и луцидноста – затоа и се белешки. Успева некако со неколку зборови, неколку реченици да погоди право во целта. Да опише како боли срцето, како се раѓа љубовта, како се одболува љубовта, како се заборава, како се сеќава, како се раѓаат соништата, како се сонува со отворени очи, како е да се биде девојка во овој комплициран свет.
Остриот јазик, специфичниот стил, духовитите забелешки и остроумните досетки дополнително го прават ова дело забавно и читливо во еден здив. И токму затоа што не е класичен роман, туку куси мисли, размисли и чувствувања, можете секогаш одново да ги препрочитувате, каде и да ви се отвори страницата во моментот. Секогаш кога ви треба малку поттик, инспирација, разбирање или охрабрување.
Ова е книга за сите храбри девојки таму надвор, за сите оние кои, и кога ќе паднат, стануваат и продолжуваат понатаму. Кои веруваат во себе, знаат што сакаат и решени се да стигнат таму. Кои љубат, се љубени, кои не дигаат раце од љубовта. Кои сонуваат и имаат соништа. И ги остваруваат.
Книгата излегува денес и веруваме дека ќе им се допадне исто толку, ако не и повеќе, на сите оние кои веќе ја прочитаа првата. А оние кои не ја прочитале, сега ќе имаат шанса да ги прочитаат двете одеднаш и да уживаат во продолжено читачко задоволство. А тројца од вас ќе имаат можност да ја добијат книгата први.
За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до понеделник, 15 декември 2014.
Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.
Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.
#СакамКнигаОдТРИ Костадинка Мицева
#СакамкнигаодТРИ
Стојановска Викторија
#SakamKnigaOdTRI
MarinaPavloska
dobitniciiiiiii?