10 хит книги за летните горештини
Без разлика дали летово ќе одите на море, езеро, планина.., или пак ќе се ладите покрај некој базен или во некоја длабока сенка, ова се 10 книги кои се апсолутни летни хитови.
Класичната препорака за „книга што се чита на плажа“, бидејќи не секој го поминува летото на плажа, добива нова форма – „книга за летни горештини“ како и „книга баш за мене“. Идејата е секој да си ја пронајде идеалната книга за ова лето и да ужива во неа.
1. „Проектот Роузи“ од Грем Симсион е романтична комедија која открива дали вистинската љубов навистина може да промени еден маж… Љубовта не е егзактна наука. Но пробајте да му го кажете тоа на Дон Тилман! Кога овој триесет и девет годишен генетичар ќе се одлучи да ја пронајде својата совршена партнерка, неговиот предизвик се претвора во проектот Сопруга.
2. „Господин Пип“ на Лојд Џонс е чудна, оригинална приказна за придружната сила што може да ја придонесе фантазијата кога еднаш ќе се распламти. Кога артилеријата одѕвонува во планините, тринаесетгодишната Матилда и нејзините соученици се воодушевени од авантурите на младиот сирак по име Пип, во градот Лондон, град чии контури стануваат пореални од нивниот уништен пејзаж.
3. „Стогодишникот кој скокна низ прозорец и исчезна“ на Јонас Јонасон ја раскажува приказната за Алан Карлсон, ведриот старец кој на својот стоти роденден скокнува низ прозорец, цврсто решен старечкиот дом во Малмкопинг да не биде место на кое ќе го заврши својот век.
4. „Азбуката на мојот живот“ на Мирјана Бобиќ Мојсиловиќ е роман во кој една напуштена жена минува низ најзначајните мигови од својот живот по азбучен редослед додека се обидува да се справи со паниката и неизвесноста предизвикана од исчекувањето на нејзиниот маж да се врати и да си ги собере парталите.
5. „Екстремно гласно и неверојатно блиску“ на Џонатан Сафран Фоер е инвентивен роман кој зборува за 9-годишниот Оскар Шел кој е на мистериозна и многу итна мисија што го води насекаде низ градот Њујорк. Неговата цел е да ја најде бравата која може да се отвори со клучот што му припаѓал на неговиот татко, кој умира во нападите на кулите близначки на 11 септември.
6. „Бојата на магијата“ на Тери Прачет е првиот дел од епската комична фантазија „Дисксвет“, која мора да се најде на топ листата на секој љубител на овој жанр. На светот кој лежи на грбот на една џиновска желка (од непознат пол), започнува веселата, експлозивна, безобразно ексцентрична експедиција. Тука се алчниот, но неспособен волшебник Ринсвинд, наивниот турист чиј Багаж се движи на стотици симпатични мали ноџиња, змејовите кои постојат само ако веруваш во нив, и се разбира Работ на планетата…
7. „Слобода“ од Џонатан Френцен е вистинско ремек-дело на американската фикција, епска, семејна сага во која комично и трагично се доловени искушенијата на слободата: возбудлив тинејџерски копнеж, тешки средовечни компромиси, товар на едно конзервативно семејство и на една империја.
8. „Роналдо: Опсесија за совршенство“ на Лука Кајоли е одлично продолжение на фудбалското лето! Независно дали од љубов или омраза, од восхит или од интерес – веќе цела деценија, глобалните медиуми го следат секој чекор на Кристијано Роналдо. Па, сепак, деталната истрага на Кајоли ќе Ве убеди дека има толку многу нешта што сè уште не сте ги откриле за него.
9. „Безнадежно“ на Колин Хувер е „младешки“, „женски“ роман за лажните вистини и вистинските лаги во тајните ходници на животот на седумнаесетгодишната Скај. Приказна навидум безнадежна за средбата помеѓу двајца млади луѓе која ќе Ве врати во времето на Вашата прва љубов.
10. „Раскажувачката“ на Џоди Пико е роман кој ќе Ве обземе и ќе Ве остави без здив! Сејџ Сингер се спријателува со еден старец, омилен во заедницата… Нивното пријателство започнува во пекарницата во која работи Сејџ. Еден ден тој ја замолува за услуга: да го убие! Таа е шокирана и одбива… И тогаш започнува исповедта на неговите најмрачни тајни – тој навистина заслужува да умре…
Ова се хит насловите на Арс Либрис, кои ова лето се дел од читателското мени, прилагодено за различните вкусови и за местата за разладување од летните горештини.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Ne mi e jasno kako bas site 10 naslovi se od ista izdavacka kukja, kako da drugite izdavacki kukji ne izdavaat letni hitovi….
Секако дека има летни хитови и од други издавачки куќи. Ова е селекција на Арс Либрис. Пишува најдолу.
A da prasam na koj nacin moze nekoja od ovie knigi da se nabavi ?