„Дениција“ на Андреевски – врвно достигнување во македонската поезија

„Дениција“ на Андреевски – врвно достигнување во македонската поезија

„Ќе спијам во движење, сенката своја ќе ја прескокнам

Ќе ги затнам сите извори, сè што гори ќе отворам.

Ќе направам да не се знае кај е лево и десно,

Ќе ти наберам ѕвезди, ќе ти влепам шлаканица

Само да ме сакаш.“


Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ


1-denicija-na-andreevski-vrvno-dostignuvanje-vo-makedonskata-poezija-kafepauza.mkКако обични смртници се плашиме од смртта, и кога би постоела тревката за бесмртност, би направиле сè за да ја имаме, исто како Гилгамеш. Се плашиме дека еден ден ќе бидеме заборавени и дека денот кога ќе нè снема од земјава воопшто нема да се разликува од сите останати. Ќе се соочиме со најголемиот страв, како што на тоа нè тера Елиот кога во неговата „Пуста земја“ ни наслика „страв во грска прав“. Ама она за што многумина не се свесни е дека има лек за бесмртност. Андреевски останува да живее вечно по училиштата каде учениците ќе ги читаат неговите дела и ќе дискутираат за „Пиреј“. Живее во нивните семинарски трудови, во нивните раскази и есеи со кои се борат да стигнат до петка. Живее на нашите полици во домашните библиотеки, живее во срцата на сите љубители на добрата, длабока и квалитетна литература, живее како дел од нас, како Македонец, како огромен почитувач на македонскиот народ и на македонската историја, на своите корени. Малку е и човек да го нарече „македонскиот Шекспир“, зашто откако ќе ги прочиташ стиховите за Дениција, сè останато ти изгледа небаре мало и бесмислено, недоволно јако да те потресе пак зашто тукушто силно те потресла таа низа на зборови.

Андреевски, барем како што се кажува, не пишувал на компјутер, иако живеел во модерното време. Своите големи зборови некогаш ги везел и на обично парче весник. Кога го читам Андреевски, посакувам да останам таму засекогаш, скриена меѓу зборовите негови, па дури и почнувам да ѝ завидувам на Дениција, што постоел маж кој неа толку искрено ја воспевал преку зборот. Денес нема да напишам нешто за животот негов (иако сите знаете, сите сме пишувале во белешка за авторот во средно), ниту пак ќе раскажам некоја од неговите книги (нешто што средношколците можеби го очекуваат, и поука – не го правете тоа, греота е да имате в рака нешто од најголемиот меѓу најголемите, а да не издвоите време да го прочитате). Наместо тоа решив да ви кажам два-три збора за мојата омилена „Дениција“, а за останатите негови дела, ќе имаме друга прилика.

Збирката „Дениција“ е вистинско отсликување на модернистичката поезија – слободен стил на пишување, рушење на „правилата“ за пишување поезија, искрено соголување на душата, без постојан ритам или пак рима. Инспирација е големата љубов кон Дениција, чие име фигуративно посочува на ѕвездата Деница и е одраз на женската плодност и убавина. Андреевски (како голем патриот), напати толку ја поврзува љубовта кон Дениција со својата љубов кон татковината, што на моменти нè збунува дали примарната намера му е да ја опее својата љубов кон одредена жена или пак цело време ја величи својата татковина.

„Во тебе беа границите на Целокупна Македонија

И јас дури те љубев ја љубев сета татковина.“

2-denicija-na-andreevski-vrvno-dostignuvanje-vo-makedonskata-poezija-kafepauza.mk

Збирката почнува со „Песна за мојата песна“, каде поетот ја опишува својата песна, односно си ја соголува душата давајќи ни ги на чинија своите чувства. Продолжува со „Првите податоци за Дениција“ каде ја опишува и својата опседнатост со неа, за да продолжи со лично мојата омилена „Умилкување“. Подоцна конечно навлегува во една поинтимна фаза, зборувајќи за собата на Дениција, како да е неговото свето место. Неговата љубов за Дениција достигнува кулминација во „Кога ја љубев Дениција“, една од најголемите пофалби за љубовта воопшто, поема која ве помрднува од место и ве трогнува. Поетот е нестрплив да добие одговор на неговата љубов, во меѓувреме продолжувајќи да ја опева Дениција. Продолжува да си ја исповедува душата пред нас:

„Во тебе бев заљубен уште пред моето и твоето создавање

Во тебе бев заљубен пред мојот прв збор

(што го изговори твојата уста)…“

Поетот ја опишува големата разочараност и потиснатост поради невозвратената љубов, а опишувајќи ги разделбите од Дениција дава јасна слика за неговата искината душа. Големата сага за неговата љубов кон Дениција продолжува со најтрогателните сцени – болеста и смртта на Дениција, за збирката да заврши со можеби најсилниот дел „На гробот на Дениција“, сцена што потсетува на трогателните стихови на Алан По, и неговото оплакување на прерано починатата Анабела Ли.

„Потоа ѕемнам кај што мислам дека ќе поминеш

И сите градски порти ги оставам отворени

Во секое време за да можеш да се вратиш.

Ти ме приѕираш и од небото и од земјата,

А мене никако не ми успева да ти кажам

Дека и мојата смрт започна по твојата

И дека блажено е да се живее, а поблажено е да се умира,

Мислејќи само на тебе, Дениција.“

Преку оваа збирка Андреевски си ја прочистува душата, создавајќи импозантен преплет од стилски фигури и љубовни, како и родољубиви мотиви. И за крај, ќе завршам како што почнав, па така ве оставам во добро расположение со уште еден извадок од „Умилкување“.

„Кај ќе стасам ќе разделам топло од студено,

На шеќерот ќе му забранам да се споредува со тебе,

Не ќе оставам растојание што ќе биде меѓу нас,

Со ова што го велам и слепо и глуво ќе исцелам

Само да ме сакаш.“

Книжарница ТРИ, ГТЦ, I кат
тел: 02/3238-722
knizarnica@kniga.com.mk

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 23 април 2014.

Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.

Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. Teodora Reply

    #СакамКнигаОдТРИ

  2. Ofelija Reply

    Sakam Kniga Od Tri

  3. Ofelija Reply

    SakamKnigaOdTri

  4. Marina Reply

    #СакамКнигаОдТРИ Marina Velickovska

Остави коментар