Александар и Александра градат прекрасна Инстаграм заедница за сите љубители на книгите

Александар и Александра градат прекрасна Инстаграм заедница за сите љубители на книгите

@bookreaders_community е едно катче на Интернет каде што секој од нас може да даде препорака за книга. Правилата се едноставни, потребна е само една фотографија која кажува нешто за книгата. Мисијата на овој профил е да ги направи книгите подостапни за сите преку заеднички напори на целата читачка заедница. Тие заедно ги избираат фотографиите со нивните следбеници, дури и пробуваат нивните „Giveaways“ да ги прилагодат на желбите на следбениците, од изборот на книга и начинот на избор на победникот, до периодот за следното подарување… Станува збор за профил на секој што некогаш пратил слика, препорака, предлог за активност и слично. Па, ако и вие сте љубители на книги, тогаш се најдовте на вистинското место! Прочитајте го нашиот разговор со Александар и Александра коишто стојат зад оваа прекрасна заедница вљубеници на пишаниот збор.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by За сите ‘книгохоличари’. 📖 (@bookreaders_community) on

1. Книгите се без сомнение еден од најголемите изуми на човештвото. Како вие ја развивте вашата љубов кон книгите и зошто решивте да ја споделувате со другите книгохоличари токму на Инстаграм?

Александар: Мислам дека времето кога неколку книги беа дистрибуирани преку весник со евтини цени беше една голема пресвртница во мојот живот. Не дека немав читано претходно, но мислам дека тогаш првпат добив желба да направам моја библиотека. Книгата која од тоа време најмногу влијаеше на мене беше „Автостоперски водич низ галаксијата“. Тој момент придонесе за книгите да станат подостапни за сите и верувам дека тоа е причината за моето учество во @bookreaders_community. Јас дури и така го гледам нашиот профил – како место коешто ги прави книгите подостапни за пошироката публика преку најразлични активности. Тоа не можеме да го постигнеме сами и имаме голема помош од целата читателска заедница. Морам да кажам дека овој профил, колку што е наш, толку е и на секој оној кој ни пратил фотографија и препорака или на кој било начин учествувал во остварувањето на нашата цел. Заедно можеме да направиме разлика и мислам дека тоа го чувствуваат и нашите следбеници. Затоа сме многу благодарни на помошта којашто ни ја даваат.

Александра: Гледајќи ги сапуниците коишто се прикажуваа многу одамна, почнав да ги посакувам собите во нивните огромни куќи коишто содржеа многу книги. Богатите во тие серии, имаа соба исполнета со големи полици и еден тон книги. Ми изгледаше интересно и добив идеа да создадам домашна библиотека. По одредено време, кога купив неколку книги, си реков: „Не е целта само да ги имам и да ги гледам книгиве, треба да седнам и да ги прочитам.“ На почетокот не се форсирав. Прочитав 5-6 книги и ја развив љубовта кон читањето, но понекогаш бев премногу мрзлива да седам и да читам, бидејќи сметав дека можам да правам нешто поинтересно. Отсекогаш сум се восхитувала на луѓето коишто знаат да одговорат на сè што ќе ги прашате и по одредено време, разговарајќи со еден мој чичко којшто е најверниот читател што го познавам, го прашав како секогаш знае да ми објасни сè, како има одговор на секое мое прашање. Тогаш тој ми рече:

„Читам. Многу читам книги. Веќе си голема, имаш 9 години и треба да почнеш да го правиш и ти тоа. Литературата е еден вид прозорец што те води до нечиј живот, те преместува и те запознава со многу места и се претвора во една табла за  спасување кога животот е многу тежок и суров. Читајќи книги, ќе се изградиш како личност.“

После овој разговор, си ја надополнив мојата домашна библиотека, се зачленив во градската библиотека и добив диплома за најверен читател.

Што се однесува до тоа зошто сме одлучиле оваа љубов да ја споделуваме на Инстаграм, тоа е денеска најактивната социјална мрежа и сакавме да создадеме еден вид на катче каде што ќе можеме едни на други да си предлагаме книги за читање. Едноставно ни се допаѓаше идејата да правиме фотографии со книги и да ги споделуваме, а потоа се одлучивме и често да правиме наградни игри, со цел да збогатиме нечија домашна библиотека.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by За сите ‘книгохоличари’. 📖 (@bookreaders_community) on

2. Какви книги најмногу сакате да читате и дали можете да издвоите по една книга од тој жанр што би можеле да ја прочитате и 100 пати, и секој пат да уживате во неа со истиот интензитет?

Александар: Многу тешко прашање, поради тоа што ги сакам сите жанрови. Јас сум под големо влијание на писатели кои пишуваат во многу жанрови (како Стивен Кинг, и да, има и романтични книги напишано човекот). Најмногу сакам мистерии и авантури, а книги коишто можам да ги прочитам и 100 пати се серијалот „Темната кула“ на Стивен Кинг. Интересно за тој серијал е што е напишан на тој начин што секое читање е нова и различна итерација на приказната за Роланд Десчејн.

Од трилер/фантазија по 100 пати би го прочитал серијалот „Чудниот Томас“ на Дин Кунц, а како пример за готик/крими би го издвоил „Островот Шатер“ од Денис Лехејн. Од стрипови би го издвоил „Песочниот човек“ на Нил Гејман (кој ми е еден од поомилените автори), а од фантазија имам премногу книги кои би ги читал повторно и повторно, како Хари Потер и Господарот на прстените.

Од трилери можам да ја читам која било книга на Јан Ранкин за детективот Ребус, а од романсите без сомнение би била „Сите твои совршености“ од Колин Хувер. За митолошкиот жанр незаменлива е „Американски Богови“ на Нил Гејман. Од дистописки приказни, „Игрите на гладните“ од Сузан Колинс, а од научна фантастика серијалот за Ендер од Орсон Скот Кард… Сериозно тешко прашање, мислам дека никогаш нема да можам да набројам сè што би прочитал по 100 пати.

Александра: Романси, без двоумење. „Ова завршува со нас“ од Колин Хувер, дефинитивно. Ја прочитав веднаш штом излезе, и тоа беше книга којашто ја завршив во три часа. Одлична книга, моќна приказна, тажна, со многу добра порака. Ви ја препорачувам на сите.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by За сите ‘книгохоличари’. 📖 (@bookreaders_community) on

3. Во просек, колку книги читате на месечно ниво? И кој ви е рекордот досега за најмногу прочитани книги во рок од 1 година?

Александар: Многу зависи од обврските, но не се сеќавам кога последен пат сум бил под 3 книги на месечно ниво. Навика ми е барем еден саат пред легнување да читам. Навистина не би можел да кажам кој ми е рекордот, затоа што не знам, никогаш не сум размислувал за тоа.

Александра: Зависи од обврските, но месечно скоро секогаш читам по минимум 5 книги. Никогаш не сум броела годишно колку точно сум прочитала, но во 2018 мислам дека го достигнав рекордот и сум сигурна дека имам прочитано над 80 книги.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by За сите ‘книгохоличари’. 📖 (@bookreaders_community) on

4. Постои ли некој цитат од книга што ви влегол во глава и едноставно не можете да го заборавите? И зошто го издвоивте токму тој…

Александар: „Живеев во книги многу повеќе одошто живеев на некое друго место“ – Нил Гејман. Мислам дека не треба објаснување, целосно ме опишува овој цитат.

Александра: Дефинитивно најдобриот цитат според мене е „Доверба сине, дури ни во сопствениот татко“, од книгата „Во еден момент“ на извонредниот Мисо. Ова е прекрасна, реална мисла, што те поттикнува да размислиш дека луѓето се лоши, безобразни и дека секој од нив може да ти забоде нож во грб. Затоа, практикувајте ја сите.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by За сите ‘книгохоличари’. 📖 (@bookreaders_community) on

5. Изгледа дека книгите и Инстаграм се совршен пар. Особено кога станува збор за препораки за читање. Кои хаштагови би им препорачале на нашите читатели да ги пребаруваат доколку сакаат да најдат добра книга за читање?

Александар: Секако, #bookreaderscommunity. Мене лично ми се допаѓаат содржините на #bookobsession, #AmReading, #BookLovers, #BookAddict и #booksofinstagram, но има премногу различни хаштагови за секој да си избере нешто по свој вкус.

Александра: Без дилема, #bookreaderscommunity. Но има и некои други што ми се допаѓаат, како на пример #bookstagram, #bookobsession, #bookobsessed, #предлогкнига, #sakamknigi…

 

View this post on Instagram

 

A post shared by За сите ‘книгохоличари’. 📖 (@bookreaders_community) on

6. И за крај, ќе сакате ли заедно да создадете листа од 5 книги, со краток опис и објаснување зошто ги одбирате токму нив, коишто сметате дека нашите читатели мора да ги прочитаат во 2019 година?

1. Сите твои совршености – Колин Хувер

Моќна и емотивна приказна за две целосно спротивни љубовни истории, едната идеална, другата на работ на пропаста. И да е најинтересно, се работи за еден пар. Единственото нешто што би можело да ги спаси е токму онаа работа што ги има донесено до работ на пропаста.

2. Онаа ноќ во Њујорк – Лорен Лејн

Оваа книга е дел од серијалот за мажите од списанието Оксворд. Таа е класична книга во стилот  на Лорен, и задолжително треба да се прочита ако ви се допаѓаат нејзините книги. Линколн Матис на површина изгледа како тежок плејбој кој излегува со многу жени, но Дејзи гледа дека тоа е само маска. Книгата има јасна порака дека луѓето не се секогаш тоа што го гледаме на површината.

3. Душокршачот – Себастијан Фицек

Оваа книга е едно ремек-дело на Себастијан Фицек, чиј крај тешко дека некој може да го предвиди. Се работи за мистериозен, криминален трилер во кој Душокршачот покажува дека никој не е безбеден и ништо не е како што изгледа.  Ако сакате трилери, не смеете да го прескокнете ова дело.

4. Куферот од Берлин – Јелена Бачиќ Алимпиќ

Оваа книга е една голема љубовна приказна, но во исто време и се разликува од карактеристиките на Јелена, бидејќи книгата има многу елементи на трилер, па дури и детективски елементи. Таа ја вклопува љубовта, страдањето, историјата, ужасите на војната и сето тоа преку прекрасна приказна. Дефинитивно мора да се најде на списокот за читање на секој љубител на книги!

5. Апартман во Париз – Гијом Мисо

Мистериозна, возбудлива и романтична истовремено! Мајсторот Гијом Мисо, преку овој трилер ни го донесува дома мистериозниот свет на уметничкото творештво. А, да, и Париз! Таму се наоѓа едно уметничко ателје, скриено и измислено за криење на некоја тајна. Но, ќе оставиме читателите сами да ја дознаат неговата тајна.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by За сите ‘книгохоличари’. 📖 (@bookreaders_community) on

Потребна ви е дневна доза креативност? Погледнете го ова слатко девојче кое ги освојува срцата на македонските инстаграмџии.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар