8 книги кои се совршен новогодишен подарок

8 книги кои се совршен новогодишен подарок

Ако и вие сте една од оние личности кои купуваат подароци во последен момент, тогаш погледнете ги следниве препораки за книги објавени во годината која одминува и кои можат да бидат совршен подарок за вашите најмили.

1. Сета светлина што не ја гледаме – Ентони Дор

Ентони Дор е добитник на овогодишната Пулицерова награда. „Сета светлина што не ја гледаме“ е роман за две млади души кои го преживеале ужасот на војната. Приказната го следи слепото девојче Мари Лор кое после окупацијата на Париз, заедно со својот татко ја напуштаат куќата во која живеат и заминуваат во приморското гратче Сан Мало. Таму живеат со нејзиниот стрико, ексцентричен старец заљубен во радио апаратите. Од другата завојувана страна го запознаваме младиот Вернер, сирак кој израснал во рударски град со една единствена желба: Да го избегне рударскиот живот и да стане познат научник. Талентот го води во училиште каде што се образовала Хитлеровата младина, но Вернер набрзо сфаќа дека животот што го чека не е ни малку сличен на тој за кој сонувал.

Овој прекрасно напишан роман е трогателна приказна за тоа како војната го буди најлошото, но и најдоброто во луѓето и дека светлината секогаш постои, иако некогаш можеби не ја гледаме.

2. Страв од умирање – Ерика Јонг

Новата книга од авторката која се крие зад култниот роман „Страв од летање“ од неодамна се наоѓа во книжарите ширум светот. Овој пат, Ерика не ѝ го даде гласот на Изадора Винг, туку на нејзината пријателка Ванеса, поранешна актерка од сапунски серии. Ванеса одамна наполнила шеесет години и сега има само една желба: Засекогаш да остане млада. Фактот што таа е покрај родители кои се на прагот да наполнат сто години и веќе се на својата смртна постела, како и со нејзиниот сопруг кој е постар петнаесет години од неа и заздравува од тешка операција, нејзиниот страв од умирање полека преминува во паника. Поради тоа таа тргнува во анонимна интернет потрага по бесмртноста, но после неколку неуспешни обиди, сфаќа дека ја бара на сосема погрешно место.

Ова е идеален подарок за сите оние што растеле заедно со контроверзните романи на Ерика Јонг и во нив го наоѓале својот идентитет и одговори на прашањата што ги измачувале.

3. Нулто издание – Умберто Еко

Еден од хитовите за оваа година е без сомнение новиот роман на Умберто Еко, „Нулто издание“. Главниот лик во романот е неуспешен писател кој поради лошата ситуација во која се наоѓа прифаќа крајно необична, но сепак добро платена работа: Тој ќе почне да работи како писател од сенка со цел да напише книга за една година во измислен дневен весник. Редакцијата на овој весник има задача во текот на една година да извади десетина „Нулти изданија“ од весникот, кои никогаш нема да бидат објавени, а чија содржина ќе ја сочинуваат измислени сензационалистички вести кои би помогнале да се уништи животот и репутацијата на многу познати личности. Еко паралелно ја развива приказната за убиството на Мусолини и неговите љубовници и тоа преку теоријата на еден од уредниците на весникот кој е уверен дека целата приказна всушност е теорија на заговор. Умберто Еко се враќа на своите омилени теми: Теориите на заговор и лажните митови. Но, овој пат навлегува во блиската италијанска историја.

Оваа книга е совршен подарок за љубителите на овој писател и неговиот маестрален стил на пишување.

(0)-8-knigi-za-sovrshen-novogodishen-podarok-kafepauza.mk

4. Сите убави места – Џенифер Нивен

Теодор Финч е фасциниран од смртта и постојано бара начини како би можел да се убие. Но, секогаш нешто го спречува во неговата намера. Од друга страна, Виолета Марк живее броејќи ги деновите до својата матура, за да побегне далеку од својот мал град во Индијана и што подалеку од спомените за починатата сестра. Кога Финч и Виолета ќе се сретнат на врвот од училишното ѕвоно, не е баш јасно кој кого го сопрел во намерата да скокне. А кога ќе добијат заедничка училишна задача да ја откријат „природната убавина“ на својата држава, и двајцата ќе откријат нешто многу важно. Финч – дека само покрај Виолета може да биде природно, духовито момче кое сака да го живее животот и кое воопшто не е дежурниот школски чудак. Виолета – дека само покрај Финч може да заборави на одбројувањето на деновите, бидејќи подобро е да се проживеат кога се веќе пред неа. Меѓутоа, како што светот на Виолета почнува да се шири, така светот на Финч почнува да се смалува и стеснува… додека една девојка учи да живее од момчето кое има намера да умре!

Романот „Сите убави места“ е еден од најпродаваните романи за млади во изминатава година. Доколку ви треба подарок за тинејџери, ова е книгата за вас.

5. Петтиот бран – Рик Јенси

После првиот бран, остана само темнината. После вториот бран, си заминаа среќните. После третиот, преживеаја само несреќните. После четвртиот бран остана само едно единствено правило: Никому не може да му се верува.

Уште еден роман за млади, овој пат во дистопија, идеален за љубителите на научната фантастика и постапокалиптичната литература. На почетокот од следната година ќе имаме можност да ја видиме оваа приказна и на филмското платно.

6. Сениште – Ју Несбе

Кога Хари Хул се пресели во Хонк Конг, тој мислеше дека зад себе засекогаш ги остава сите трауми, како и кариерата во полиција. Но, тогаш се случува нешто незамисливо: Олег, детето што израснало покрај Хари, е уапсено за убиство. Не верувајќи во тоа, Хари се враќа дома за да го пронајде вистинскиот виновник. Иако повеќе не работи во полицијата, Хари самостојно ја истражува трговијата со наркотици на улиците во родниот град, низ кои се шири нова дрога. Таму го чекаат изненадувања на секој чекор, а истрагата за навидум типично наркоманско убиство зазема сосема неочекувани размери.

Ако познавате некој што ужива во трилер романи, не двоумете се. Најновиот роман на норвешкиот писател ни овој пат не разочарува и од моментот на објавување собира само позитивни критики.

7. Куќа на сеќавањата и заборавот – Филип Давид

Алберт Вајс уште од детството имал можност да го промени својот идентитет. Откако во 1942 година во војната ги изгубил родителите и братот Елија, тој поминал извесно време во една германска куќа, каде што почнале да го викаат Ханс и да му нудат да го замени нивниот исчезнат син со цел да се спаси од сигурна смрт. Алберт тогаш одлучува да го зачува својот идентитет и бега од семејството кое било спремно да го посвои. Многу години подоцна, на една конференција за Втората светска војна на која учествува, Вајс лутајќи по њујоршките улици ја наоѓа „Куќата на сеќавањата и заборавот“. Во една од собите од необичното здание, зачувано е болно историско сеќавање. Огромната болка која ја почувствувал посилно од кога било, може да си отиде само ако тој во следната просторија од оваа чудесна куќа го избрише своето сеќавање или да исчезне, како својот роднина, славниот илузионист Худини (Ерик Вајс). Ќе сака ли Алберт да ја искористи последната шанса да го промени својот идентитет во согласност со зборовите на еден свој пријател и сонародник велејќи му дека „Сеќавањето е пострашно од секој заборав“ или ќе одлучи да остане она што е, без разлика на болката што ја чувствува?

Филип Давид за романот „Куќа на сеќавањата и заборавот“ во 2014 година ја добил престижната награда на неделникот НИН за роман на годината.

8. Тајна градина – Џоана Басфорд

Ниту една книга од листата не ви изгледа како пригоден подарок? Зошто тогаш не се обидете со боенка за возрасни, тренд кој го зафати целиот свет за само неколку месеци. Со оглед на тоа што е идеална за опуштање и медитација, боенката ќе биде навистина пријатно изненадување. Во оваа прилика ви ја препорачуваме најпопуларната „Тајна градина“, боенка која ширум светот е продадена во повеќе од 10 милиони примероци.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Инженер под влијание на силни филмски маси. Далеку од реалноста, блиску до паметот. Иако крајот на филмот Живот го знаеме сите, сепак убаво е да уживаме додека трае.

Поврзани содржини

Остави коментар