5 научно докажани животни лекции на кои нè учи „Малиот принц“
Најпознатото дело на авторот Антоан де Сент Егзипери, „Малиот принц“, за прв пат било објавено на 6-ти април 1943 година. Сите ние сме ја прочитале оваа незаборавна книга барем еднаш уште во основно училиште. Потоа сме ја препрочитувале повеќе пати во текот на нашиот живот и секогаш сме откривале нешто ново, нешто што сме пропуштиле. Секој пат сме ја доживувале на различен начин, бидејќи секој пат ни отворала нови погледи кон светот.
На сите ни е добро позната приказната за пилотот чиј авион се срушил во Сахара, каде се запознал со младото момче, односно Малиот принц. Ова момче му раскажува на пилотот за неговата планета астероид, и за неговите патувања во другите светови во вселената. За време од 8 дена помеѓу нив се формира необична врска, која засекогаш го менува животот на еден обичен пилот. Книгата иако на почеток се сметала за детска поради лесниот стил на кој е напишана, многупати е потврдено дека содржи мисли и теории од суштинско значење за човечкото постоење, спакувани во говорот на едно дете. Следуваат најважните 5 од многуте животни лекции кои можеме да ги научиме од Малиот принц:
1. Мораме повторно да се поврземе со нашата детска креативност
Нараторот во „Малиот принц“ ја почнува книгата со приказна за првиот цртеж што го нацртал како дете – боа што голтнала слон. Сите возрасни луѓе кога го погледнале цртежот ја гледале едната иста работа, шешир. Нараторот продолжува велејќи дека од тогаш страста за цртање го напуштила сè додека не го сретнал Малиот принц кој веднаш препознал што има на цртежот, односно боа што голтнала слон.
„За кого и да стануваше збор, тој или таа, секогаш велеше: „Тоа е шешир!“ Потоа никогаш не се осудував да зборувам со тој човек за смртоносни бои, праисториски шуми или за ѕвезди. Ќе се спуштев себеси на негово ниво. Ќе му зборував за мостови, голф, политика и вратоврски. И возрасниот стануваше многу задоволен што запознал толку разумен човек.“
Животна лекција: Како што стареете, немојте да го изгубите тој мал допир со лудоста и креативноста. Возрасните претпочитаат броеви и практични идеи, но забораваат да погледнат под површината на нештата, да се опуштат и да бидат креативни. Како што ја губат љубопитноста, така стануваат попасивни.
Науката вели: Креативноста и имагинацијата се корисни за вашето здравје. Според едно истражување објавено во списание за психологијата на музиката, учениците кои свират пијано се помалку нервозни кога импровизираат на сцена. Креативните луѓе многу наликуваат на Малиот принц: Сонуваат со отворени очи, го истражуваат светот и ги поставуваат вистинските прашања.
2. За да ги цениме малите животни задоволства, не треба да бидеме толку сериозни
На неговото патување на различни планети, Малиот принц открива дека сретнал еден многу сериозен бизнисмен. Овој човек непрестајно ги броел сите ѕвезди на галаксијата и иако велел дека е среќен затоа што ги поседувал сите, неговиот живот е осамен и монотон бидејќи не му се случува ништо друго. Тој не е способен ни да ја цени убавината на ѕвездите.
„Ги контролирам“, одговори бизнисменот. „Ги бројам и ги пребројувам. Тешко е. Но, јас сум човек природно заинтересиран за последиците на нештата.“
Животна лекција: Не смеете да ја пропуштите можноста да уживате во малите животни задоволства.
Науката вели: Повеќе пати е научно потврдено дека смеењето е здраво и го подобрува квалитетот на животот. Во 2014 година, на Универзитетот Лома Линда во Калифорнија било спроведено истражување кое открило дека луѓето кои почесто се смеат имаат подобра краткотрајна меморија и се помалку нервозни. Според други истражувачи од Универзитетот во Мериленд, добрата смисла за хумор може да го намали ризикот од срцеви заболувања.
3. Клучот на среќата е да си одвоите време за себеси
Малиот принц раскажува за уште една средба со интересна личност од петтата планета што ја посетил, на која еден ден траел само една минута. Тој човек имал за задача да ја исклучува ламбата на планетата секоја минута и потоа веднаш да ја вклучува една минута подоцна. Тој никогаш немал време да се одмори или да спие.
„Потоа – планетата го поминува својот круг за една минута, и јас немам ниту една секунда за да здивнам. На секоја минута треба да ја палам и гасам ламбата!“
Животна лекција: Морате да го цените секој момент што изминува. Уживајте во животот.
Науката вели: Докторите не секогаш нагласуваат дека недостатокот од сон носи катастрофални последици за вашето здравје. Ако живеете онака како ликот од „Малиот принц“, ризикот да имате проблеми со дијабетес, срце, рак, промени на расположение и зголемен апетит е многу голем. Покрај сонот, важно е да одвоите време за себеси и за момент да заборавите на работата.
4. Бидете храбри и истражувајте
На шестата планета од неговото патување, Малиот принц сретнал стар господин кој напишал огромни книги. На почетокот Малиот принц верувал дека писателот бил истражувач, но потоа дознал дека тој всушност се занимавал со географија без да направи еден чекор надвор од неговата канцеларија.
„Не е работа на географот да оди и да брои градови, реки, планини, мориња, океани и пустини. Географот е од преголемо значење за да си го троши времето на тој начин. Тој не смее да ја напушти својата работна маса.“
Животна лекција: Обично претпочитаме да останеме заштитени во нашата „зона на удобност“, затоа што тоа е полесно отколку да преземеме ризик. Но, мора да го искористиме времето за да искусиме различни работи, да запознаеме нови луѓе и да го прошетаме светот.
Науката вели: Постојат милион причини да излезете од вашата зона на удобност, многу од нив и научно поддржани. Според психолозите, анксиозноста што ја доживувате кога треба да се соочите со некој предизвик може да ви помогне да станете попродуктивни. Исто така, способноста да ги прифаќате предизвиците и да се прилагодувате на нив ќе ве направи многу поагилни на стари години.
5. Слушајте го вашето срце
Малиот принц е вљубен во една роза од неговата домашна планета која изгледа исто како сите други рози што ги видел на Земјата. Но, неговата роза е посебна затоа што тој ја има избрано. Таа е „единствена на светот“ според лисицата, затоа што принцот се грижел за неа.
„И сега еве ја мојата тајна, многу проста тајна: Само со помош на срцето можат вистински да се согледаат нештата, она што е суштинско е невидливо за окото“, вели Лисицата
Животна лекција: Малиот принц ја претставува спонтаноста. За разлика од сите други, тој се води по своите инстинкти, го слуша своето срце. Според лисицата, тоа е единствениот начин на којшто може да се открие што навистина вреди во животот.
Науката вели: Според едно истражување од 2012 година, објавено во списание посветено на организационото однесување и процесот што се случува при одлучување кај луѓето, ако донесуваме одлуки предводени од нашата интуиција резултатите можат да бидат подобри, отколку кога применуваме поаналитички пристап. Во тој контекст авторот на „Интуитивниот компас“, Кол Френсис, смета дека нашата интуиција ни помага да ги балансираме одлуките и служи како мост кој ја поврзува празнината помеѓу инстинктот и разумот.
Нема сомнеж дека „Малиот принц“ содржи еден куп бесценети животни совети. Но, ако сакате да научите повеќе најубаво е да го прашате самите. Кога ќе ја посетите неговата планета, нема да можете да го утнете: Тој ќе ужива во зајдисонцето заедно со цвеќето кое го љуби.