Утринското кафе не ја зголемува продуктивноста, а еве зошто!
Кафето е еден од најпопуларните пијалаци во светот, со оглед на фактот дека секојдневно се консумираат над две милијарди шолји од овој пијалак. Не е тајна дека луѓето пијат кафе и поради неговиот вкус и поради ефектите што наводно ги има врз телото.
Ефектите на кафето врз продуктивноста се добро познати и добро документирани, а многумина го нарекуваат „дрога на капитализмот“, благодарение на неговата незаменлива моќ да ни помогне да ги завршиме работите – толку многу што во 1950-тите, паузата за кафе била дел од американскиот закон благодарение на неговата способност да „придонесува за поголема ефикасност и да доведе до подобри деловни перформанси“. Ова се случило откако било откриено дека работниците во фабрика за вратоврски можат да завршат исто толку работа за шест часа колку што работеле претходно за осум, под услов да имаат по две паузи за кафе на ден.
Меѓутоа, според новото истражување на Универзитетот во Њукасл во Австралија идејата дека кафето ви „дава“ дополнителна енергија е всушност лага – всушност, тоа само „краде енергија“ од остатокот од денот и создава долгорочен замор. Како го знаеме тоа? Сè се сведува на соединението наречено аденозин.
Што е аденозин?
Аденозинот помага да се регулира циклусот сон-будење. Како што се будите и почнувате со работа во текот на денот, нивото на аденозин се зголемува бидејќи тоа е нуспроизвод од употребата на енергија во вашите клетки. Кога ова соединение се врзува за рецепторите, му дава знак на вашето тело да ја троши енергијата побавно, што прави да се чувствувате уморни. Кога одите на спиење, потрошувачката на енергија се намалува, нивото на аденозин се намалува и се будите освежени.
Тука влегува во игра кофеинот. Можеби сè уште се чувствувате малку поспано кога ќе се разбудите (недостатокот на сон и стресот се виновни) па затоа земате шолја кафе. Кофеинот во вашето кафе е сличен по форма на соединението аденозин, па се врзува за истите рецептори, блокирајќи ги неговите ефекти и правејќи да се чувствувате помалку уморни.
Сепак, аденозинот што кофеинот го блокира не исчезнува. На крајот, кофеинот се разложува и целиот акумулиран аденозин се врзува за рецепторите што ги барал. Затоа, кофеинот всушност никогаш не ви дава дополнителна енергија туку само ви купува време пред да ве достигне заморот.
За да имате корист од кафето и покрај овие негативни ефекти, барем кога станува збор за вашата продуктивност, треба да го консумирате во вистинско време.
Пијте кафе подоцна во текот на денот
Кортизолот е хормонот на стрес кој прави да се чувствувате будни. Овој хормон е присутен во најголеми количини кога ќе се разбудите. Така, можеби нема да ви треба кафе наутро.
Покрај тоа, колку помалку аденозин има во вашето тело, толку помалку ќе се чувствувате уморни и помалку кофеин ќе може да го блокира аденозинот. Значи, има смисла да пиете кафе подоцна во текот на денот кога веќе се чувствувате повеќе уморни; во тој случај, кофеинот ќе може полесно да го надомести недостатокот на енергија.
Секако, не треба да пиете кафе доцна бидејќи тоа ќе ви го наруши сонот, а без добар сон можете да заборавите на продуктивноста, будноста, фокусираноста и другите позитивни ефекти на кафето.
Откако прочитавте за влијанието на утринското кафе врз организмот, можеби ќе сакате да прочитате и дали кафето може да ја подобри меморијата.
Извор: citymagazine.danas.rs