Што се случува со вашиот мозок кога пиете кафе?
Со своите стимулирачки ефекти, многу е лесно да разбереме зошто кафето е второто најпродавано нешто во светот, веднаш по нафтата. Сигурни сме дека многумина од вас не можете ни да го замислите денот без барем една шолја кафе, но дали некогаш сте се запрашале како тоа влијае врз нашиот мозок? Видеото од „AsapSCIENCE“ ни објаснува како кофеинот го стимулира создавањето на адреналинот и го спречува вашиот мозок да го впива допаминот, а со тоа ве одржува во одлично расположение…
Додека сте будни, една хемикалија наречена аденозин полека се акумулира во вашиот мозок и се спојува со рецепторите при што ја намалува работата на мозокот. Со други зборови, колку повеќе аденозин има, односно колку подолго сте будни, толку поуморно ќе се чувствувате. Од друга страна пак, за време на спиењето аденозинот се намалува и токму затоа кога ќе се разбудите се чувствувате свежо. Но, она што е навистина интересно е дека кафето има многу слична структура со аденозинот и откако ќе го конзумирате тоа го наоѓа својот пат до вашиот мозок каде што почнува да се натпреварува и се сврзува со аденозинот. Бидејќи кафето на некој начин го онеспособува аденозинот и го презема неговото место, вие престанувате да го чувствувате уморот. На почетокот ова можеби ви изгледа одлично, но по редовното конзумирање кафе, мозокот ќе почне да бара повеќе аденозин така што ќе создава нови рецептори и токму затоа ќе ви биде потребна поголема количина на кафе за да го постигнете првичниот ефект. Доколку сте немале време за својата дневна доза кафе или пак, сте решиле да престанете да го пиете, зголемениот број на рецептори за аденозинот ќе предизвикаат тој да се сврзува со нив во поголемо количество што ќе резултира со зголемен умор.
Ефектите на кафето не вклучуваат само борба со аденозинот, туку тоа влијае и врз вашиот адреналин. Со пиењето кафе вие го зголемувате адреналинот во вашето тело, па токму затоа се зголемува чукањето на вашето срце, се покачува крвниот притисок и се прошируваат дишните патишта. Кафето исто така го зголемува и создавањето на допаминот во вашиот мозок, па токму затоа вие по секоја голтка кафе се чувствувате многу посреќно. Токму поради овој ефект врз вашето тело, кафето создава зависност.
И за крај, што мислите, дали можете да се предозирате со кофеин?
Теоретски, одговорот е да. Постои смртоносна количина на конзумирано кафе и таа изнесува 150 милиграми кофеин за секој килограм од вашето тело. На пример, ако вашата тежина изнесува 70 килограми тогаш потребни ви се 14.000 милиграми кофеин за да се предозирате. Со други зборови, доколку пиете кафе во нормални чаши (тие содржат по околу 150 милилграми кофеин), тогаш околу 70 испиени чаши со кафе би ве убиле. Но, реално шансите да се случи ова се невозможни, бидејќи вие би почнале да го исфрлате кафето од вашиот организам долго пред 70-тата доза.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.