Подгответе си самите здраво кафе за уште поздрав ден!
Повеќе истражувања укажуваат на позитивните ефекти од умереното консумирање кафе врз здравјето. Денес ќе зборуваме за тоа како можете да ја направите оваа кофеинска напивка уште поздрава, но и да добиете поубава арома.
1. Цимет
Посипете го кафето со цимет во прав или ставете стапче цимет во шолјата – овој зачин има антивирусни и антибактериски својства, што е многу корисно во текот на зимата. Исто така, циметот помага при регулирање на нивото на шеќер и триглицеридите во крвта.
2. Ѓумбир
Во кафето можете да додадете и малку ѓумбир во прав – ѓумбирот го поттикнува варењето, ја намалува надуеноста и гасовите, а исто така помага при симптомите на настинка. Овој зачин ги ублажува и болките на артритис, бидејќи делува против воспаленијата.
3. Како и црно чоколадо
Флавонолите од какаото ја подобруваат циркулацијата, концентрацијата и будноста, го регулираат крвниот притисок и делуваат против воспаленија. Додајте една лажичка какао во прав или ставете две коцки црно чоколадо во кафето да се истопат.
4. Кокосово млеко и кокосово масло
Кокосовото млеко претставува добра алтернатива за кравјото млеко, особено ако сте забележале дека ви пречи лактоза. Кокосовите млеко и масло содржат и лауринска киселина која го подобрува имунитетот и во организмот се претвора во монолаурин, соединение со антивирусни и антибактериски својства. Што се однесува до количината, за почеток можете да пробате кафе со една супена лажичка кокосово млеко или една кафеава лажичка кокосово масло.
5. Кокосов шеќер
Овој шеќер не се добива од кокосот, туку од сокот од цветот на кокосовата палма. Содржи помала количина цинк, железо, магнезиум и витамин Б-комплекс. Кокосовиот шеќер содржи и инулин кој делува како пробиотик и така го поттикнува растот на пријателските батерии во цревата.
6. Екстракт од ванила
Ванилата традиционално се користи не само заради слатката арома, туку и заради нејзините медицински својства. Ванилата ја поттикнува концентрацијата и поволно делува на расположението. Мирисот на ванила исто така помага при контролата на апетитот.
А за љубителите на леденото кафе подготвивме одлични и креативни начини да го надградите вашето ледено кафе.
Е сега „ѓумбир“ со ѓ е само заради тоа што така е на српски: ђумбир.
На сите важни светски јазици е со „џ“ (џинџер, џинџифил, џенџефил, зенџибејлер, џинџибер, жанжабр, зенџефиљ) само и единствено на српски и хрватски е со ѓ. Како и во многу италијански зборови: на српски стои Ѓина наместо Џина, (Ђина), Ѓус (Ђус) за џус/сок и сл.
Такашто, не знам кој тоа наместо џумбир, и Џина и Џус, турка низ македонските весници „ѓ“ – по српски. Исто како „ветар“ наместо ветер – редовна појава. Без некое објаснување – на српски. Исто редовно глаголот „дише“ наместо на македонски диши, стои најчесто на српски. Еднакво глупаво звучи и „пена“ (српски) наместо македонско пења. Погледнете на секоја кеса шлаг пења, од Србија или Хрватска стои „пена“. Јас никогаш немам изустено такво нешто ни како обичен смртник не пак како професионалец по јазик. Од друга страна па со сила се туркаат зборови како „клучка“, „паричник“, само да не се каже новчаник, петља и сл. Иако нема потреба од измислување „пучанство“, просто зашто веќе постои стар македонски збор за новчаник – ќесе, а и новчаник, иако е српски е сосема одомаќен збор кај нас и нема потреба да се измислува нов со сила. А „клучка“ е жива смејурија. Макар панделка, детелина, или слично па на крај и петља е поарно не уличарското „клучка“ – Таков неологизам ич не ни треба.
И на крајот секс: „лулашка“ т.е. франкенштајнизам. Комплетна измислица. Таа направија на македонски се вика нишалка. А на српски „љуљашка“. А ова последното во наводници е чиста аматерска будалаштина.
Има ли во оваа земја македонски лектори? – Ако нема да се воведе полека-лека нешто што ќе ги направи соседите среќни т.е. друг стандарден јазик од двата славјански – соседни на нашиот.
Поздрав
Лектор.
Цветан, најпрво едно големо благодарам од целиот тим на Кафе пауза за исцрпниот коментар на оваа тема, бидејќи целосно те разбираме. Ние отсекогаш сме се стремеле да го негуваме македонскиот јазик и многу сме строги на тоа поле. Имајќи го тоа на ум, бидејќи ниту еден од нас не е лектор, често се консултираме со Дигиталниот речник на македонскиот јазик за оние зборови што не сме сигурни како е правилно да се напишат (или што Ворд ни ги потцртал како погрешни). Во случајот со „ѓумбир“, можеш и самиот да провериш, во речникот си стои како македонски збор со „ѓ“. Од друга страна пак, истиот збор може да се пронајде и на сите производи низ маркетите (јас лично често го користам, и во свежа форма и во прав, па досега ниту еднаш не сум го сретнала како „џумбир“ – а еве сега и Ворд ми го потцрта „џумбир“ како збор што не постои во македонскиот јазик). Како што спомнав погоре, не сум лектор, ниту еден член на нашиот тим не е, па не можеме да кажеме дека знаеме сè, но веруваме во нашите речници и се потпираме на тоа што го пишува во нив. Покрај „ѓумбир“, како македонски зборови во Дигиталниот речник може да се најдат и „паричник“, „лулашка“, „пена“ и „клучка“ (за последниов, не знам дали добро те разбрав бидејќи не го користам во тој контекст, ниту пак сум го чула така, но си постои како збор со сосема различно значење од тоа што беше набројано на твојата листа)…
Поздрав,
Моника