Опсесија или искрена љубов: Еве што значи ако нонстоп зборувате за вашиот партнер
Почетокот на секоја љубов е возбудлив. Во оваа фаза можеби посакувате да се искачите на највисоката точка во вашиот град и да извикате на цел глас колку сте заљубени.
Но, ако се фатите себеси дека вашиот партнер ви станал единствена тема за разговор, природно е да се запрашате дали е здраво по цел ден да зборувате само за него. Одговорот на ова прашање го имаат стручњаците.
Споделувањето на среќата со пријателите и членовите на семејството е една од најважните скапоцености во животот. Разговарањето за вашите чувства може да ви помогне да сфатите што треба да направите кога сте збунети од ситуацијата во која сте се нашле. Барањето совети од блиските луѓе или размената на искуства би можело да биде одличен начин за дополнително поврзување со нив.
Сепак, ако не сте продуктивни на работа бидејќи постојано мислите на партнерот и тоа ве попречува во извршувањето на професионалните задачи или вашата врска станала единствената работа за којашто сакате да зборувате, време е да се освестите и да поразговарате со некој стручен за овие работи.
Ако откриете дека трошите толку многу време размислувајќи за партнерот што тоа ви влијае на работата, тогаш тоа е веќе проблем.
„Зборувањето за партнерот е здраво сѐ додека не ви пречи во секојдневното функционирање“, вели љубовниот терапевт Гери Браун и истакнува дека во таков случај би требало да си ги преиспитате приоритетите.
Како што вели тој, ако на самиот почеток на врската сакате да поминувате што повеќе време со својот партнер и веднаш штом завршите со работа да ја напуштите канцеларијата за да се впуштите во неговата прегратка, тоа е во ред. Но, после почетната фаза на заљубеност, вашето однесување би требало барем делумно да се промени.
„На почетокот тоа е во ред, но подоцна би можело да заличи на опсесија наместо на искрена, зрела љубов“, објаснува Браун.
„Едно е да зборувате многу за својата љубов, а друго е целосно да си ја насочите својата ментална енергија кон партнерот, исклучувајќи сѐ друго и сите останати“ – истакнува Браун.
На крајот тој додава дека е важно вашиот љубовен живот да не ве одвои целосно од дотогашните интереси, хобија и социјалниот живот.
Прочитајте ги и овие 7 корисни лекции за љубовните врски што можат да се научат од самоуверените луѓе.