Кога треба да пиете кафе според вашиот личен хронотип?

Кога треба да пиете кафе според вашиот личен хронотип?

Многу луѓе не можат да си го замислат животот без кафе. Но, кафето нема ист ефект на сите негови консументи. Некои поединци после шолја кафе се однесуваат како хиперактивни деца кои изеле торта, но некои можат без проблем да заспијат дури и по 3 шолји кафе. Па, зошто одредени луѓе пијат кафе и потоа се чувствуваат продуктивни и будни, а други се исто толку поспани колку и пред да внесат кофеин во организмот? Се чини дека не е важно кафето или видот на кофеин, туку периодот од денот кога уживате во вашиот омилен пијалак. Тука голема улога играат и хронотиповите, па затоа најважно е прво да го дознаете вашиот личен хронотип.

Кога треба да пиете кафе според вашиот личен хронотип?

Што се хронотипови?

Хронотипот е поврзан со однесувањето што го покажувате како последица од вашиот биоритам. Тој одредува кога треба да спиете во текот на 24-те часа од денот. Постојат 4 хронотипа: Делфин, лав, мечка и волк. Сите тие се одликуваат со различни особини и начини на однесување. Можете да дознаете кој е вашиот хронотип со помош на овој тест.

Мајкл Џ. Брус е клинички психолог кој специјализирал во областа на нарушувања на сонот. Неговата книга „Моќта на кога“ (The Power of When) ги анализира 4-те хронотипа врз основа на нивните утрински и вечерни навики. Книгата може да им помогне на читателите да разберат кој е најповолниот период од денот за извршување разни активности, од џогирање па сѐ до барање покачување на платата. Брус исто така дава совет за пиењето кафе.

„Ако се разбудите и внесете кафе, односно диуретик, во организмот, тоа само ќе ја зголеми вашата дехидратација. Освен тоа, кога се будите, нивото на кортизол е природно многу високо. Па така, вие само внесувате неефективен стимуланс и покрај тоа што веќе имате еден многу ефективен. Кафето треба да го зачувате за периодот од денот кога ќе почувствувате дека губите енергија“, пишува тој во книгата.

Кафето и хронотиповите

Брус тврди дека најлошиот период за пиење кафе е помеѓу првите 2 часа по будењето и 6 часа пред спиење. Додека спиете, вие издишувате 1 литар вода. Без оглед на тоа кој е вашиот личен хронотип, првиот пијалак по кој треба да посегнете е водата. Во продолжение прочитајте кога треба да пиете кафе според вашиот хронотип…

Делфините треба да уживаат во кафето помеѓу 8.30 и 11.00 или 13.00 и 14.00. Тие исто така треба да се разбудат во 6.30.

Мечките треба да внесат кафе во периодот помеѓу 9.30 и 11.30 или 13.30 и 15.30, а да се разбудат во 7.00.

Волците можат да се напијат кафе само во периодот помеѓу 12.00 и 14.00 и треба да го започнат денот точно во 7.30.

Лавовите најдобро би било да пијат кафе помеѓу 8.00 и 10.00 или 14.00 и 16.00. Тие најрано треба да го започнат денот, односно во 5.30-6.00.

Кога треба да пиете кафе според вашиот личен хронотип?

Сега сигурно почнавте да пресметувате кога треба да одите на спиење, ако сакате да се разбудите и да испиете кафе во идеалното време за вас. Но, не грижете се! Брус открил и кога би требало да си легнувате навечер.

„Правилото според кое треба да спиете 8 часа дневно е мит. На повеќето луѓе им се доволни 7 часа, додека делфините можат да функционираат со 6 часа спиење. Најважна е вашата доследност и психичката подготвеност за легнување (исклучување на сите екрани, смирување и опуштање) која треба да започне 1 час пред да одите во кревет. Не треба да легнувате во кревет за ништо друго освен за спиење и секс. Тоа ќе му помогне на вашиот ум да го поврзува зборот ’кревет’ со ’спиење’“, објаснува психологот.

Делфините треба да си легнуваат околу 23.30, додека лавовите би требало да заспијат околу 22.00 часот. Волците можат да останат до полноќ, а мечките треба да одат на спиење во 23.00.

Прекумерната количина на кафе може да биде многу опасна за организмот

Ако имате одредени проблеми со здравјето или земате лекови што не смеете да ги мешате со кофеин, немојте да им се спротивставувате на докторите поради вашиот хронотип. Наместо тоа, прилагодете ги вашите навики. Можеби не смеете да пиете кафе толку колку што сакате, но можете да го промените времето кога си легнувате и се будите.

Кога треба да пиете кафе според вашиот личен хронотип?

Влијанието на кафето на вашето здравје

Кафето е вкусно и корисно. Но, што му прави овој пијалак на вашето тело покрај тоа што му дава енергија? Прочитајте ги и неверојатните придобивки од кафето…

1. Кафето заштитува од рак. Порано, кафето имаше лоша репутација дека е канцерогено. За среќа, овој мит беше побиен. Освен тоа, Светската организација за здравје открила дека со секоја шолја кафе се намалува ризикот од рак на црниот дроб за 15%. Но, секако се мисли на една шолја дневно!

2. Кафето го заштитува црниот дроб. Пиењето кафе може да ја намали штетата на црниот дроб предизвикана од прекумерното пиење алкохол. Неодамнешните истражувања покажале дека ако пиете 2 дополнителни шолји кафе дневно, ќе го намалите ризикот од цироза на црниот дроб за 44%.

3. Кафето согорува маснотии. Тука се мисли на вистинско кафе, а не на фрапучиното што содржи илјадници калории. Според едно истражување од 2013 година, пиењето кафе пред физичка активност ќе му помогне на телото да согори повеќе маснотии.

4. Кафето помага да заздравите побрзо по вежбањето. Болките во мускулите по вежбањето даваат неверојатно чувство на исполнетост. Но, ако имате толкави болки што не можете да станете од кревет, време е за кафе! Друго истражување од 2013 година открило дека болките во мускулите се намалуваат ако внесете кафе во организмот 1 час пред вежбањето.

5. Кафето ја зголемува вашата издржливост. Голем број истражувања покажале дека кафето може да ви помогне да вежбате подолго време и да постигнете подобри резултати.

6. Кафето ја подобрува вашата меморија. Едно истражување од 2014 година докажало дека кафето може да ви помогне да се сетите на некои детали, па дури и да ја зголеми мозочната способност за создавање долгорочни сеќавања. Само една шолја на ден може значително да ја подобри вашата меморија.

7. Кафето може да ви го подобри расположението. Пиењето кафе може да е исто толку добро колку и пиењето антидепресиви. Според едно истражување од 2013 година, кај љубителите на кафето постои помала веројатност да извршат самоубиство или да помислуваат на тоа.

Доколку сакате да дознаете повеќе за хронотиповите, прочитајте каков карактер имате според вашите навики за спиење.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар