Кофеинот ви ги подобрува лекторските способности
Со сигурност во текот на денот пиете по неколку кафиња кои ви помагаат да се разбудите и полесно да ги извршувате работните обврски. Но според најновите истражувања внесувањето на производи кои содржат кофеин како што се кафе, чај, сокови или некои видови чоколадо може да имаат и едно малку поинакво дејство врз вас. Ова особено ќе им се допадне на лицата кои се занимаваат со лекторска дејност, бидејќи докажано е дека кофеинот ни помага полесно да ги забележуваме печатните и граматичките грешки.Кофеинот ги подобрува перформансите на некои од сложените мозочни процеси кои се одвиваат во десната мозочна хемисфера, како што е толкување на јазикот кој е зборуван или напишан.
За време на истражувањето, кое е објавено во весникот „Experimental Psychology“, истражувачите им дале задача на 36 студенти кои консумирале многу мала количина на кофеин на дневно ниво, отприлика 100 мл кафе дневно. Задачата била да прочитаат една статија во големина на една страна од весник за 5 минути и притоа да ги коригираат сите печатни и граматички грешки во текстот.
Четириесет и пет минути пред исполнувањето на задачата, на студентите им биле поделени капсули кои содржеле различна количина на кофеин во нив. Имало капсули без кофеин, но и капсули од 100, 200 и 400 милиграми кофеин.
Во второто истражување, истражувачите го повториле истиот експеримент со 38 студенти кои консумирале поголемо количество на кофеин во текот на денот. Отприлика овие студенти пиеле по 3 кафиња од 250 милилитри на дневно ниво.Во првиот експеримент најдобри резултати покажале оние студенти на кои им била дадена капсула од 200 милиграми кофеин. Тие без проблеми пронаоѓале и коригирале разни грешки во текстот. Оние студенти на кои им била дадена капсула од 400 милиграми, повеќе изгубиле отколку што добиле. Во овој случај тие имале голем проблем да ги пронајдат грешките и многу тешко ги разликувале зборовите кои се пишуваат слично.
Во вториот експеримент всушност било заклучено дека нормалното консумирање кафе во денот нема да направи голема разлика при наоѓањето грешки во некој текст. За таа цел потребно ќе биде да се зголеми дозата непосредно пред читањето на текстот.
———————————————————————————————————————————————————————
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.