Кафето и крофните ви ја подобруваат меморијата
Понекогаш, тоа што нашиот мозок го сака не е баш добро за нашето тело. Крофните се добар пример за ова. По добриот појадок и утринското кафе, одите накај факултет или на работа и сфаќате дека можеби сè уште сте малку гладни. Не можете да се сконцентрирате на ништо друго освен на вашата потреба за храна, по можност за нешто благо. Зошто?Вашиот мозок не соработува со вас бидејќи не е задоволен со вашиот избор за појадок – на оброкот му недостасувало шеќер за кој мозокот копнее. Тоа се случува кога нивото на шеќер во вашата крв ќе падне многу ниско. Од гледна точка на вашиот мозок, шеќерот е неопходен за функционирање и ќе направи сè што е во негова моќ за да ве убеди да јадете шеќер што почесто можете.
Милијардите неврони во вашиот мозок имаат потреба од константна доза на шеќер за да можат да ја одржуваат нивната способност за продуцирање енергија и за комуникација со другите неврони. Доколку ги лишите од шеќер, дури и на неколку минути, тие почнуваат да изумираат. Поради тоа, како што се намалува количеството на шеќер во вашата крв, постепено по последниот оброк, вие почнувате да копнеете по храна, по нешто поблаго.
Откако ќе се најде во мозокот, шеќерот исто така се употребува за една многу важна невротрансмитерна хемикалија наречена ацетилхолин која ви дозволува да учите и да помните, го регулира вашето внимание и расположение и го контролира вашето движење. Најбрз начин за да го поттикнеме овој процес во мозокот е со помош на различни благи како крофните или пак, колачињата кои содржат и чоколадо. Поради тоа, вкусно чоколадо прелиено на крофна рано наутро ќе му овозможи на вашиот мозок сè што му е потребно за да го одржува вашето внимание и да учи нови нешта. За жал, вашиот солен појадок не може да ви го овозможи ова.
Но, како што поминува денот ќе почнувате да забележувате дека вашето внимание како и менталната активност се намалуваат. Лекот за ова е едноставен – кафе. Додека сте биле зафатени со размислување и учење, друга невротрансмитерна хемикалија се зголемила и полека, но сигурно ги исклучувала вашите ацетилхолински неврони. Оваа хемикалија се нарекува аденозин. Таа ги инхибира функциите на ацетилхолинските неврони во мозокот и колку подолго сте будни, толку повеќе ќе го чувствувате нејзиното влијание. Кофеинот во кафето има способност да ја спречи работата на аденозинот и да ги ослободи нашите ацетилхолини од неговите упорни „канџи“ и со тоа нашето внимание се подобрува и сме подготвени за сè – барем додека не исчезне ефектот од кофеинот.
Па, утре наместо да ги одбегнувате потребите за кафе и крофни (или друг вид благи), дозволете си себеси да направите еден мал експеримент за да видите како ќе реагира вашиот мозок. И за крај, ве замолуваме да се вратите на почетокот и да ја прочитате првата реченица уште еднаш.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.