Дали треба да пиеме помалку кафе?
Позитивните или негативните влијанија од кафето врз нашето здравје е постојан предмет на истражување на универзитетите ширум светот. Повеќето од добиените резултати велат дека кафето не е штетно по нашето здравје, туку напротив може и да го подобри, борејќи се против заболување од некои болести. Сепак, некои доктори на науки имаат поделено мислење околу оваа тема. Погледнете кој е одговорот на двајца професори на прашањето: дали треба да пиеме помалку кафе?
НЕ
Според проф. д-р Роб Ван Дам, доцент по здрава исхрана на харвардскиот факултет за јавно здравје, не треба да пиеме помалку кафе, бидејќи од него имаме големи здравствени придобивки. Еве што вели тој на оваа тема:
За повеќето од нас, кафето не е штетно
Точно е дека кафето може да го покачи крвниот притисок, така што ако имате хипертензија, паметно е да се префрлите на кафе без кофеин. Кофеинот исто така може да ви го наруши спиењето. Ако забележите дека од кафето сте вознемирени навечер кога ќе си легнете и не можете да спиете, намалете ја количината кафе која ја пиете на дневна база.
Кафето може да го намали ризикот од заболување од дијабетес
Секоја шолја кафе која ќе ја испиете, го намалува ризикот од заболување од дијабетес. Според истражувањето на архивите од интернационалната интерна медицина, откриено е дека после 3-4 испиени шолји дневно, го намалуваме заболувањето од дијабетес за 25%. Друго истражување покажало дека кафето без кофеин може исто така да го намали ризикот од заболување од дијабетес, што сугерира на тоа дека не е кофеинот тој кој што се бори против оваа болест, туку нешто друго во кафето, најверојатно антиоксидансот таканаречен хлорогенска киселина. Консументите на кафе, исто така поретко заболуваат од цироза и рак на црниот дроб.
Кофеинот има свои предности
Кофеинот може да го намали ризикот од заболување од Паркинсонова болест, а најверојатно и од Алцхaјмерова болест. Тоа не е причина да почнете да пиете кафе доколку тоа не го правите сега, но е добра вест за оние кои уживаат во овој пијалак.
ДА
Според Џејмс Д. Лејн, професор, д-р на науки и директор на универзитетскиот медицински центар „Дјук“ во лабораторијата за психофизиологија, кафето е штетно и треба помалку да се консумира. Тој смета дека:
Истражувањата поврзани со бенефициите од кафе се слаби
Главниот проблем во многубројните истражувања, е тоа што во нив се компарираат групи луѓе кои редовно пијат кафе и оние кои не пијат воопшто. Консументите на кафе можеби имаат нешто друго заедничко покрај пиењето кафе, што е вистинската причина зад која стојат овие здравствени придобивки. Само затоа што две нешта се доведени во корелација, не значи дека едното го предизвикува другото.
Кафето може да ја влоши здравствената состојба
Кофеинот во кафето има негативни последици, особено кај луѓето кои имаат висок крвен притисок или дијабетес. Во едно истражување, хипертензичниот крвен притисок бил намален кај пациентите кои не пиеле кафе една седмица. Во друго истражување, откривме дека кај дијабетичарите на кои им се даде кофеин пред да им се направи гликоза толеранс тест (ОГТТ) им бил повеќе покачен шеќерот, отколку кога не им се даваше кофеин. Со други зборови, кај луѓето кои веќе имаат дијабетес, по сè изгледа дека кофеинот само им ја влошува состојбата. Кафето без кофеин пак, е сосема безбедно за овие пациенти.
Кафето може да ви го зголеми стресот
Моите истражувања имаат покажано дека адреналинот ќе влијае повеќе на стресот доколку сте се напиле кафе, отколку ако не сте пиеле. Тоа може да ве направи да се чувствувате напнато, вознемирено и нервозно и да ви направи проблеми со спиењето.
Заклучок:
Доколку немате дијабетес или висок крвен притисок, навиката за коснумирање кафе најверојатно нема да ви наштети, а може дури и да го подобри вашето здравје. Додека некои истражувања сугерираат на тоа дека некои луѓе се почувствителни на кофеин во однос на други, сепак немате причина да ја намалувате количината кафе која ја внесувате на дневна база, освен доколку сметате дека тоа ви создава несоница или чувство на вознемиреност. Ако тоа е случај, можеби треба да се префрлите на кафе без кофеин. Од друга страна, ако не пиете кафе воопшто, немате ни причина допрва да почнувате. Додавањето повеќе овошје, зеленчук и зрнеста храна во вашата секојдневна исхрана, е посигурен начин за намалување на ризикот од заболување од некоја болест.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.