12 изненадувачки состојки коишто можете да ги додадете во вашето кафе за уникатно кофеинско доживување
Дури и ако сте искрен љубител на оригиналниот вкус на кафето, сигурно одвреме-навреме ви станува малку монотон, па сакате да го промените и да уживате во неговите различни варијации. Но, дали сте знаеле дека освен стандардните додатоци како млеко, шеќер и чоколаден прелив, постојат и многу други состојки коишто можете да ги ставите во вашето кафе за тоа да добие нов, уникатен вкус? Продолжете да читате, за да дознаете кои 12 состојки можат да го збогатат и изменат вкусот на вашиот омилен кофеински пијалак.
1. Кафе со цимет
Доколку најчесто преферирате да го пиете вашето кафе со млеко и засладувач, тогаш циметот со сигурност ќе го трансформира вашето досегашно искуство со кафе. Циметот не само што ќе му даде впечатлив и пријатен мирис и вкус на вашето кафе, туку истовремено ќе ви помогне и околу зајакнувањето на вашиот имунолошки систем и намалувањето на нивото на шеќерот во крвта.
2. Кафе со путер
Додавањето путер во кафето, стана популарна пракса кај сите приврзаници на палео диетата, но сè повеќе се популаризира и кај сите останати уживатели на кафе. Идејата којашто стои зад ова кафе, е дека кога ќе се помеша со путер, тоа согорува повеќе калории. Дејв Аспреј – основачот на ова кафе т.н. „Непробојно кафе“ (Bulletproof Coffee) тврди дека комбинацијата од кафе и путер му дава на нашето тело енергија, којашто организмот потоа брзо ја користи и согорува. Тоа значи дека ако телото постојано согорува калории, ќе започне и да го топи вишокот масти коишто се складирани во телото. Секако, за овој рецепт е важно и каков путер користите. Доколку решите да му дадете шанса на ова кафе, додајте му несолен путер, богат со антиоксиданси, направен од млеко од крави коишто се хранеле исклучиво со трева и сено.
3. Кафе со топка сладолед
Додавањето топка сладолед во вашето кафе, воедно значи дека ќе му додадете и екстра калории на вашиот омилен пијалак. Но, доколку ваквото кафе го пиете повремено, тогаш идејата не е воопшто лоша. Кафето со сладолед, не е ништо ново. Поточно германскиот пијалак „Eiskaffee“ (Ледено кафе) означува токму тоа, голема топка сладолед од ванила во чаша, врз којашто се налева жешко кафе.
4. Кафе со сол
Додавањето сол во кафето е познат трик за намалување на неговата горчливост, па доколку го пиете без или со малку засладувач и не ви се допаѓа вкусот, пробајте да му додадете прстофат сол и уживајте во намалената горчина.
5. Кафе со јајце
Можеби додавањето јајце во кафе ви звучи како некој трик на бодибилдерите коишто сакаат да го зголемат дневниот внес на протеини, но овој рецепт во суштина потекнува од Скандинавија. За да го подготвите, потребно е да измешате едно сирово јајце со кафе и со малку вода за да добиете густа текстура. Потоа, подготвената смеса ставете ја во тенџере, во коешто ќе додадете уште вода и ќе ја варите околу 3 минути. На крајот, процедите го низ цедалка, за да го отстраните вишокот парчиња од зрната кафе и јајцето. Крајниот резултат е мазно, вкусно, жолтеникаво кафе, коешто горчи помалку од вообичаеното, а е полно со хранливи материи.
6. Кафе со кардамом
Исто како и циметот, така и кардамомот е уште еден зачин којшто ќе го цени секој стандарден консумент на кафе. Тој му дава малку попикантен вкус на кафето за разлика од циметот, но неговата блага нијанса ќе направи да заборавите дека некогаш ви било потребно да додавате шеќер во вашето кафе.
Продолжува на следната страница…