Живот во еден ден (Life in a Day)
Филмски колаж од видеа снимени само на 24 јули 2010 година, од десетици луѓе низ целиот свет, а финалниот производ е ода за различностите, за животот, но и за убавината на секој ден минат на оваа планета
Режија: Кевин Мекдоналд
Продуцент: Тони Скот, Ридли Скот
Времетраење: 95 минути
Јазик: англиски, германски, руски, италијански, јапонски итн.
Премиера: 27 јануари 2011
Жанр: документарец
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
———————————————————————————————————————————————————————-
Знаете ли што правевте на 24 јули 2010 година? За повеќето од нас тоа беше само уште еден ден во низата наречена живот, додека за некој друг денот кога му се родило дете, кога се земал… кога снимил видео за новиот филм на режисерот Кевин Мекдоналд. На 24 јули, илјадници луѓе од цел свет ги кренаа камерите и евидентираа по нешто за тоа што им се случува во тој момент и потоа материјалите ги закачија на сервисот „Јутјуб“. А од селектираните видеа е направен „Живот во еден ден“, глобална ода за човековите различности, за обичните луѓе како и за убавината и посебноста на секој ден минат на оваа планета, дури и ако вие во моментот не сте го почувствувале тоа.
———————————————————————————————————————————————————————
Содржина: Во овој филм нема главни јунаци туку се добива чувство дека тоа сме сите ние, обичните луѓе како јас и вие. Приказните не се одбрани по трогателност и срцепарателност иако има и такви. Сепак, влезени се и сосема обични материјали кои треба да ни ја пренесат убавината на еден ден. Час и половина минуваат веднаш низ видеата со човек како јаде големо парче лубеница, со девојче кое кажува од што се плаши, со мајка која доаѓа дома по операција, со трудна жена на која двете деца ù го гушкаат големиот стомак, за сопруга која преку „Скајп“ зборува со својот маж кој е во војска, за син кој доаѓа да се види со својот татко, за… Затоа што таквите слики се тие што го прават еден обичен 24 јули посебен, само тоа треба да го сфатиме и да го цениме.Дел од прикажаните приказни сосема разбирливо повеќе се запечатуваат во нашите сеќавања. Но освен неколку луѓе, поголем дел од ликовите се појавуваат само по еднаш што е сосема разбирливо. Ова не е воајерско навлегување во нечиј живот туку збир на секвенци. Интересно е што филмот не е направен за да ни крене некаков морал или да направи да се чувствуваме подобро за нашиот живот. Има и среќни и тажни и глупави и обични приказни. Но сепак, крајно интелигентно и ненаметливо, „Живот во еден ден“ го слави животот.Во ова филмско патување воопшто не се губи фокусот и не се добива конфузно чувство и покрај тоа што се користат видеа снимени од различни луѓе. И нормално, едно од прашањата кое сигурно ви се поставува е „Дали има видео од Македонец?” Искрено мислам дека не, освен една сомнителна секвенца во филмот каде едно момче набројува што има во џебовите и вели нешто како „клучеви, телефон, шприцеви“, но сепак тоа може да се должи на блискоста на словенските јазици.Кинематографија: Иако видеата се снимени на различен начин и доаѓаат од секаде во светот, запазен е одреден минимум на гледливост. Не заморуваат, дури на моменти се и вистински уметнички дела, како да не се снимени од аматери. А, за сликите кои се гледаат, не се ни осудувам да почнам да ги доловувам во еден пасус. Разновидноста на светот е еднаква со разновидноста на кадрите во овој филм.Кога и како да го гледате: Доколку го даваа во некое македонско кино, би ви препорачала да го гледате таму затоа што сликите така ќе останат подолго со вас. Но во недостаток на оваа опција, проследете го дома, навечер и по можност со друштво. Сепак, оние кои се чувствителни на сцени на суровост кон животни, ќе мора брзо да „премотуваат“ некои делови затоа што, да, има и такви крвави парчиња.———————————————————————————————————————————————————————
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.