„Возрасните“ (Grown ups)
Пет семејства, еден куп проблеми и разлики, а најмногу комични ситуации…
Режија: Денис Дуган
Играат: Адам Сендлер, Кевин Џејмс, Крис Рок, Роб Шнајдер, Дејвид Спеид и Селма Хаек
Времетраење: 102 минути
Јазик: англиски
Премиера: 25 јуни 2010
Жанр: комедија
Наша оценка: 5/10
Ваша оценка:
___________________________________________________________________________________________
Иако овој филм, со оглед на актерската екипа која е собрана за неговото снимање, не ги задоволи вкусовите на сите критичари, сепак токму поради глумците и нивните индивидуални кариери вреди да се погледне. Приказната изобилува со комични ситуации, некои од нив очигледни и веќе видени, други пак тотално ќе ве изненадат. Критичарите беа незадоволни поради тоа што ваква екипа, од можеби моментално петте најуспешни комичари на филмското платно, добилa просечна комедија во која на моменти шегите се „излитени“. Едно можеме да кажеме со сигурност, актерите добро се познаваат и нивната хемија на сцена е извонредна и природна, па токму затоа филмот има еден голем плус.
————————————————————————————————————————————————-
Приказна: Во 1978 година, пет 12-годишни момчиња, победуваат во кошаркарски турнир. Триесет години подоцна, откако тие веќе се пораснати, со фамилии, бизниси и слично, се собираат заедно за погребот на нивниот тренер кој го постигнал најголемиот успех во кариерата токму со нивниот тим.
Викендот решаваат да го поминат заедно во куќата на езеро, каде што како млади се забавувале, но овој пат доаѓаат со голем „багаж“, деца, жени и секој со своите проблеми, маки и предизвици. Маркус е сингл и пие премногу, Роб има три ќерки кои ретко ги гледа и има мерак често да се жени, Ерик е огромен и плус не работи, Курт е домазет и живее со неговите две деца, жена му и нејзината мајка, а Лени е успешен Холивудски агент оженет со модна дизајнерка (Селма Хаек), но парите кои ги има ги размазиле неговите деца.
Викендот на езерото и прославувањето на големиот американски празник 4-ти јули, е можност за промени, подобрување и излез од некои непријатности во бракот на сите поединечно.
Кога и како да го гледате: Комедија како комедија, најубаво е да се гледа со друштво. Соберете се кај некого дома, набавете сè што би треба, сместете се на најудобното место и уживајте во овој филм. Какви и да се критиките, филмот има и те како смешни моменти, а актерите и те како знаат да ви ги доловат.Слични филмови: „Смешни луѓе“ (Funny People), „Камп за денот на татковците“ (Daddy Day Camp)