ТВ серија: Втора шанса (Second Chance)
Милијардер и биоинженер враќаат во живот полицаец кој бил убиен
Главни улоги: Роберт Казински, Адир Кејлан, Дилшад Вадсарија
Жанр: драма, научна фантастика
Креатор: Ранд Равич
Премиера: 13 јануари 2016
Број на сезони: 1
Времетраење: 42 минути
Јазик: англиски
Наша оценка: 7/10
Ваша оценка:
Изгледа креаторите решиле да го вратат во живот Франкенштајн, но овој пат во малку поинаква форма. Станува збор за ТВ серијата „Second Chance“, чие дејство е фокусирано на маж кој не само што е вратен назад во живот, туку и во својата младост. Како идеја изгледа интересно, со многу насоки во кои би можела да се движи приказната, но со оглед на тоа што неодамнешните ТВ серии кои вклучуваат необични случаи со полицајци брзо се прекинуваат, останува на времето да видиме дали токму оваа ќе успее. Според нас, сè зависи од публиката.
Џими Причард е поранешен шериф кој често сакал да ги крши правилата. Но, тоа не го правел за себе, како што тој објаснува, туку за да добие правда – исто како и секој друг добар полицаец. Оваа серија е една од оние кои укажуваат дека одредени индивидуи треба да ги преземат нештата во свои раце и да го направат тоа што за нив е правилно, дури и ако станува збор за одење против законот. Тоа ѝ дава бесконечна моќ и сила на полицијата. Но, дали тоа е правилната лекција која треба да се пренесува? Ова е еден од најголемите проблеми кои останатите критичари сметаат дека би можело негативно да влијае врз успехот на самата серија.
Што се однесува до приказната, таа започнува со смртта на старецот Џими Причард и неговото повторно враќање во живот од страна на брилијантни брат и сестра кои решиле да го пренесат своето истражување на повисоко ниво – со вклучување вистински луѓе. Откако Џими ќе биде оживеан, тој е помлад, екстремно силен и физички отпорен. Можеби дури и интелектуално понадарен. Со неколку зборови, станува збор за криминалистичка драма, со научно фантастични моменти кои би можеле добро да го пополнат вашето слободно време.