ТВ серија: Убивајќи ја Ив (Killing Eve)
Агент лови платен убиец. Базирано според романите за Виланел од Лук Џенингс.
Главни улоги: Сандра О, Џоди Комер, Фиона Шо
Жанр: трилер
Креатори: Фиби Волер-Бриџ
Премиера: 8 април 2018
Број на сезони: 1
Времетраење: 45 минути
Јазик: англиски
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Има нешто магично во оваа ТВ серија. Иако станува збор за типичен криминалистички трилер, двата главни лика, Ив (Сандра О) и Виланел (Џоди Комер), го носат жанрот на сосема ново ниво. Ив е агентка што сонува да биде шпионка, но е заглавена зад биро и секојдневно се досадува. Таа не само што е неверојатно интелигентна и исклучително талентирана за криминално истражување, туку исто така и ѝ се воодушевува на „работата“ на убијците. Не постои ништо што би ја згадило, баш напротив, колку е погрозоморно делото, толку таа е пофасцинирана. Од друга страна, ја имаме и Виланел, која на прв поглед изгледа нежно, невино и прекрасно. Но, тоа што не можете да го забележите од нејзината надворешност е дека е безмилосен убиец. Таа е психопат каков што досега не сте имале можност да видите на малите екрани и додека ја гледате како ги лови и убива своите жртви, ќе ви лазат морници по целото тело.
Иако е интересно да се гледа нивниот живот поединечно, приказната станува уште подобра откако нивните патишта ќе се испреплетат. Тие ќе почнат да ја играат играта „глушец и мачка“, ловејќи се една со друга и прашувајќи се која ќе го преземе првиот чекор. На момент, нивната приказна наликува на безвремената битка помеѓу Шерлок и Морирарти – две брилијантни личности, што се досадуваат во своите животи, а се склони кон опсесивно однесување, тргнуваат една кон друга и нема да сопрат сè додека не остане само една од нив на нозе. Сандра О и Џоди Комер се толку добри во овие улоги, што едноставно нема да можете никогаш повторно да ги замислите во нешто друго. Дури и ќе заборавите дека Сандра беше Кристина во Анатомијата на Греј (Gray’s Anatomy) затоа што личноста што ќе ја гледате пред себе е сосема нова страна на актерката.