ТВ серија: Ти (You)
Интелигентен менаџер на книжарница ги користи своите таленти за да ја натера жената од неговите соништа да се заљуби во него
Главни улоги: Пен Беџли, Елизабет Лејл, Шеј Мичел
Жанр: драма, криминал, романса
Креатори: Грег Берланти, Сера Гембл
Премиера: 9 септември 2018
Број на сезони: 1
Времетраење: 60 минути
Јазик: англиски
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Џо (Пен Беџли) е навидум сосема обично момче што работи во книжарница. Тој има неверојатна љубов кон книгите, но и големо знаење за нив. Токму затоа и кога ќе ја запознае Гвеневир Бек (Елизабет Лејл), тој веднаш ќе знае дека таа е вистинската девојка за него. Но, Џо не е типичен фраер кој лесно флертува со девојките, и многу добро го знае тоа. Затоа мора да биде тактичен доколку сака да ја освои Бек. Тој веднаш ќе почне да ја истражува на социјалните мрежи, каде што ќе дознае многу за нејзиниот живот, вклучувајќи ја и нејзината адреса на живеење.
Џо брзо ќе ја дознае нејзината дневна рутина, како и сите оние нешта во коишто таа ужива. Ќе дознае што сака и точно што треба да направи за да ја освои. Но, тогаш ќе здогледа и една голема пречка – Бенџи (Лу Тејлор Пучи), момчето со кое Бек е во еден вид „комплицирана“ врска. Тој знае дека ќе мора да го тргне Бенџи од нејзиниот живот доколку сака да има шанса кај неа. Притоа мора да биде и внимателен, бидејќи сè зависи од тоа како ќе изигра. Во прашање е неговата вистинска љубов.
Како што времето ќе поминува, така тој сè повеќе ќе се зближува со Бек, но и сè повеќе ќе дознава дека Бенџи не е единствената пречка на патот до нивната среќа. Пич (Шеј Мичел), најдобрата пријателка на Бек исто така може да биде голема закана. Според Џо, таа е вистински психопат што целосно го контролира животот на Бек. Додајте го на ова и професорот од факултетот каде што Бек студира, како и целото нејзино опкружување и нештата не изгледаат баш добро. Затоа Џо мора да биде совршеното момче за Бек – нема друг начин како тој да ја задржи оваа неверојатна девојка покрај себе. Или пак, можеби има?
Како што веќе спомнав, Џо е навидум сосема обично момче што работи во книжарница. Но, под маската што ја носи секојдневно, се крие опасен човек со многу проблеми. Тој би направил сè, буквално сè, за љубовта на својот живот! Но, дали тоа би било доволно? И дали таа е навистина вредна за него? Ќе треба да ја погледнете самите оваа ТВ серија за да ги добиете одговорите на овие прашања! Или можеби веќе сте ја изгледале? Во тој случај, споделете го вашето мислење со нас во коментарите подолу…