ТВ серија: Смарагден град (Emerald City)
Нова телевизиска адаптација на приказната за Дороти од Канзас и Волшебникот од Оз
Главни улоги: Адрија Архона, Оливер Џексон-Коен, Ана Улару
Жанр: акција, драма, фантазија
Креатори: Метју Арнолд, Џош Фридман
Премиера: 6 јануари 2017
Број на сезони: 1
Времетраење: 60 минути
Јазик: англиски
Наша оценка: 7/10
Ваша оценка:
Станува збор за нова адаптација на класичната приказна за Дороти од Канзас и Волшебникот од Оз. Во оваа малку помодерна верзија имаме поинаков тек на настаните, нешто поразлично од сите верзии што досега сме имале можност да ги видиме. Имајќи го тоа на ум, на почетокот ќе ви биде малку тешко да се препуштите на приказната, бидејќи главното дејство се одвива бавно, додека пак сцените фокусирани на акција како да брзаат предвреме. Ако не внимавате и му дозволите на мозокот да ви одлета додека гледате, можете да пропуштите клучни моменти, чиј недостаток подоцна ќе ве спречи да разберете што точно ѝ се случува на Дороти. Сепак тоа не значи дека самата ТВ серија нема потенцијал. Баш напротив.
Тоа што најмногу го задржува вниманието кај оваа адаптација е љубопитноста. Приказната ќе ви разбуди доволно куриозитет за да ве натера да ја пуштите и следната епизода со цел да откриете што ќе се случи следно. Самиот склоп на настани делува амбициозно и може да се забележи креативноста зад нив, но истовремено има и изненадувачко ниво на насилство, па затоа и не се препорачува за помладите очи или за оние што не сакаат крвави сцени. Дејството започнува во сегашноста, барем така изгледа, но откако Дороти ќе отпатува во мистериозниот магичен свет каде што владее Волшебникот од Оз, тој воопшто не наликува на бајковитата област на која сите ние сме добро навикнати. Може слободно да се каже дека намерата на сценаристите била претставувањето на еден потемен свет, каде што владеат хоророт и теророт.
Што се однесува до познатите ликови, дел од нив ги имаат своите типични карактеристики што лесно ќе можете да ги препознаете од основната приказна, додека пак останатите се претставени во сосема поинакво светло – некои ќе ви се допаднат и ќе ве забавуваат, додека пак други ќе ве ужасуваат (ова се случува со сите телевизиски адаптации на класични дела што се обидуваат да ја задржат основата на приказната, но целосно да го променат целосниот впечаток). Сè на сè, како и секоја друга ТВ серија, така и оваа има свои позитивни и негативни страни, но ако сте расположени повторно да отпатувате во Смарагдниот град, тогаш без сомнение треба да ѝ дадете шанса.