ТВ серија: Распрснат на мали парчиња (Flaked)
Гуру за самопомош мора да најде начин како да си помогне и себеси
Главни улоги: Вил Арнет, Дејвид Саливан, Рут Кирни, Лина Еско
Жанр: комедија
Креатори: Вил Арнет и Марк Чапел
Премиера: 11 март 2016
Број на сезони: 1
Времетраење: 30 минути
Јазик: англиски
Наша оценка: 7/10
Ваша оценка:
Да започнеме од почетокот. Главната ѕвезда во оваа ТВ серија е Вил Арнет кој го толкува ликот на Чип. Тој е алкохоличар кој се обидува да го задржи својот трезен статус, но и да им помогне на младите околу него во слична ситуација да се изборат за својот живот. Тој неколку пати вели дека дошол во Венеција случајно, поточно дека дошол поради несреќа. Чип убил човек, во сообраќајка, бидејќи решил да седне зад волан под дејство на алкохол. Но, оттогаш го сменил целосно својот живот и сега е менаџер на продавница за мебел и главниот лик во заедницата за анонимни алкохоличари во Венеција.
Најдобриот пријател на Чип, Денис (Дејвид Саливан) е неговата најголема поддршка, но кога е покрај него има потешкотии да ја освои девојката која му се допаѓа. Поради својот шарм, изгледа Чип лесно ги заведува згодните девојки во Венеција, дури и кога не планира, и неговиот најголем проблем е што секогаш ги „краде“ оние за кои Денис е заинтересиран, вклучувајќи ја и Кара (Лина Еско), неговата најнова сексуална партнерка. Бидејќи нивното пријателство му е навистина важно, Чип вели дека не дозволува овие врски да преминат во нешто посериозно, па затоа и по само неколку средби им става крај. Интересно гледиште, иако Денис не се согласува со него.
Нештата ќе почнат да се разгоруваат кога Денис без престан ќе почне да зборува за Лондон (Рут Кирни), новата келнерка во омилениот ресторан на сите жители во Венеција. Чип случајно ќе налета на неа, при што веднаш ќе се забележат искри, но овој пат ќе реши да му помогне на неговиот пријател да ја освои. Со неколку зборови, станува збор за комедија која ќе го одмори вашиот мозок и ќе ве расположи, но истовремено ќе ве потсети и на важните нешта во животот. Ликовите се детално и јасно разработени, па лесно можете да сочувствувате со нив. Што се однесува до приказната, и покрај тоа што е претставена на комичен начин, таа во себе содржи многу силни емоции, во кои особено ќе се пронајдат оние кои имале проблеми со алкохолот, но и сите останати.