ТВ серија: Последниот човек на Земјата (The Last Man on Earth)
ТВ серија за животот и авантурите на последниот човек на планетата
Главни улоги: Вил Форт
Жанр: комедија, акција, научна фантастика
Креатор: Вил Форт
Премиера: 1 март 2015
Број на сезони: 1
Времетраење: 30 минути
Јазик: англиски
Наша оценка: 8
Ваша оценка:
Да, тука навистина станува збор за приказна која го следи животот на последниот жив човек на планетата Земја. И можеби би си рекле дека оваа приказна ќе биде здодевна и монотона, но верувале или не, главниот лик, Фил Милер, навистина креативно го исполнува своето слободно време. И не дека тој нема пријатели, баш напротив, тој има многу пријатели… (Нема да го земеме предвид тоа што тие се топки!)
Што се однесува до настаните кои го довеле во оваа ситуација, не се знае ништо за вирусот кој го убил човештвото. Но, во овој момент тоа не е ни важно. Она што сите ги интересира е какво би било чувството да се биде последниот жив човек на планетата Земја и како би изгледале неговите денови. Дали може да се преживее во свет каде што нема веќе луѓе? Што му прави екстремната осаменост на умот на човекот? И најважно од сè, што сè тој би направил за да види барем уште едно живо човечко суштество? Мора да признаеме дека оваа серија на хумористичен начин успева да ни одговори на сите овие прашања.
Да се вратиме на Фил Милер. Бидејќи е сам на светот, тој воопшто не се грижи за тоа како изгледа. Токму затоа без проблем се шета по гаќи и воопшто не се ни труди да се шиша или бричи. Тој ни покажува дека досадата може да биде силна инспирација за креативност, па со цел побрзо да му поминуваат деновите наоѓа најразлични начини за да се забавува. Но, како што поминува времето така осаменоста сè повеќе го обзема. Дали тој ќе успее да се избори со неа? И најважно од сè, дали навистина е последниот човек на планетата или пак, ќе успее да најде и жена која толку многу ја посакува?
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.