ТВ серија: Патување со временска машина (Time After Time)
Младиот Х. Г. Велс патува во иднината со својата временска машина барајќи го озлогласениот Џек Мевосек
Главни улоги: Фреди Строма, Џош Бауман, Џенезис Родригез
Жанр: драма, научна фантастика
Креатор: Кевин Вилијамсон
Премиера: 3 март 2017
Број на сезони: 1
Времетраење: 60 минути
Јазик: англиски
Наша оценка: 7/10
Ваша оценка:
Станува збор за телевизиска адаптација на книгата од Карл Александар и филмот со истото име од 1979 година. Но, дури и да не сте имале можност да ја прочитате книгата или да го гледате филмот, оваа ТВ серија воопшто не се разликува од останатите драми со патување низ времето што досега сме имале можност да ги гледаме, па многу брзо ќе можете да ѝ се препуштите на приказната.
Не можеме да кажеме дека случувањата не се предвидливи, особено затоа што првите епизоди се држат блиску до филмот, ниту пак дека актерите совршено ги одигруваат своите улоги и се истакнуваат на некој начин од останатите во овој жанр, но тоа не значи дека не треба да ѝ се даде шанса. Како што веќе спомнавме, приказната е лесна за следење, па затоа и гледањето на оваа серија може да ви го одмори мозокот и да ви помогне полесно да се опуштите по тешкиот работен ден.
Х. Г. Велс (Фреди Строма), познатиот писател кој во тоа време сè уште ја нема напишано „Временска машина“, решил да изгради вистинска машина што ќе патува низ времето со цел да му ја донесе потребната инспирација за книгата. Токму затоа и кога неговите пријатели ќе го прашаат како му оди пишувањето, тој ќе се пофали со својот изум што е во последните фази на тестирање и наместо да го гледаат со воодушевување, тие ќе го исмеваат верувајќи дека способноста на машината да патува низ времето е само во неговата глава.
Нивната забава ќе биде прекината од страна на Скотланд јард, кои го истражуваат неодамнешното убиство на проститутка во близина на куќата на Х. Г. Велс. Тие поминуваат низ сите домови во околината, барајќи каков било знак дека Џек Мевосек е таму, па нивната среќа ќе се насмевне откако ќе ја најдат медицинската торба со крвав нож на еден од пријателите на Велс, д-р Џон Стивенсон. Бидејќи тој ќе го чуе неговиот разговор, без размислување ќе влезе во временската машина и ќе отпатува во иднината, во 2017 година, обидувајќи се на тој начин да си ја заштити својата слобода.
Х. Г. Велс, знаејќи дека е единствениот што може да го врати назад, тргнува по него и завршува во модерниот Њујорк, каде што ќе остане целосно без зборови. Неговата визија за утописка иднина целосно се руши гледајќи вести. А што се однесува до Џек Мевосек, тој вели: „Јас целосно припаѓам тука. Во нашето време, бев чудак. Денес сум аматер.“ И тоа навистина е така. За разлика од 1800-тите години, денес светот се движи во многу полоша насока. Дали Х. Г. Велс ќе успее да го фати пред тој да стане нешто повеќе и да го врати во своето време или пак, нештата ќе избегаат целосно од контрола?