ТВ серија: Отпадник (Outcast)
Хорор ТВ серија која е навистина застрашувачка
Главни улоги: Патрик Фјуџит, Меган Холтер, Филип Гленистер
Жанр: драма, хорор
Креатор: Роберт Киркман
Премиера: 23 мај 2016
Број на сезони: 1
Времетраење: 60 минути
Јазик: англиски
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка:
Ако ги погледнете трејлерите за оваа ТВ серија, без сомнение веднаш ќе сфатите дека станува збор за уште едно дело на креаторот и продуцентот Роберт Киркман, во кое тој ги истражува сите окултни нешта. Ако ја следите ТВ серијата „Живи мртовци“, тогаш веќе сте запознаени со неговата работа, но овој пат наместо зомбиња, тој нè води во темниот свет на демоните.
„Отпадник“ започнува со познатото клише на хорор филмовите – опседнато дете. Ова навидум обично дете, набљудува една лебарка на ѕидот од неговата соба кога одеднаш насилно го размачкува суштеството со својата глава. Токму од тука и почнуваат морничавите нешта, кои уште веднаш ќе ви кажеме дека не се за оние со „слабо срце“.
Дали станува збор за хорор приказна? Да, на почетокот. Но, „Отпадник“ многу брзо прераснува во психолошко анализирање на внатрешните сенки, кое изобилува со напнатост и неизвесност. Таа ги истражува сите оние темни делови од секој човек кој очајно се обидува да ги задржи скриени, при што секојдневно се бори со своите сопствени внатрешни демони.
Моќните суштества кои се центарот на оваа приказна се скоро целосно метафорични и во крајна линија таа не е за колењето. Баш напротив, моќта на оваа ТВ серија доаѓа од надежта на ликовите да се поврзат со други во нивната разрушена заедница, која живее во изолација. Вие едноставно нема да можете да не ги жалите овие кутри души пред пеколот целосно да ги обземе.