ТВ серија: Од Лос Анџелес до Лас Вегас (LA to Vegas)
ТВ серија за настаните што се случуваат во редовниот повратен лет од Лос Анџелес до Лас Вегас
Главни улоги: Дилан МекДермот, Ким Матула, Питер Стормар
Жанр: комедија
Креатор: Лон Зимет
Премиера: 2 јануари 2018
Број на сезони: 1
Времетраење: 20 минути
Јазик: англиски
Наша оценка: 7/10
Ваша оценка:
Станува збор за комична ТВ серија што ги истражува животите на екипажот и патниците на редовниот викенд повратен лет од Лос Анџелес до Лас Вегас. Секоја епизода почнува со полетување на авионот во петок и завршува со враќање во недела. Можеби на прв поглед звучи малку ограничувачки и монотоно, но верувајте дека ќе се изненадите од материјалот што е достапен за обработка.
Најдобриот дел од оваа ТВ серија е брилијантната динамика на карактерите во комбинација со урнебесните ситуации што настануваат во авионот. Водечкиот карактер, Рони, е стјуардеса со големи соништа. И иако таа се чувствува „заглавено“ во својата моментална работа, сепак е една од ретките што знае како да се справи со специфичните патници на овој лет. Таа е импулсивна и забавна, па затоа и ја прави целата серија многу поинтересна за гледање кога е присутна во кадарот. Од друга страна пак, еден од најлудите карактери е Капетанот Дејв (Дилан МекДермот), кој е полн со себе, најчесто под дејство на алкохол и секогаш расположен за споделување глупави шеги. Тој треба да лета со авионот, но повеќето од времето е поприсутен во патничкиот дел отколку во пилотската кабина, со оправдување дека машината е дизајнирана да лета сама.
Иако овие два карактери најмногу се издвојуваат, целиот тим е одлично избран. Редовните карактери се надополнуваат едни со други, а „свежите“ патници воведуваат нешто уникатно и интересно во секоја нова епизода. На кратко, ако сте расположение за 20-минутно опуштање на мозокот и смеење на глупави шеги, тогаш без сомнение треба да ја гледате оваа серија.