ТВ серија: Лук Кејџ (Luke Cage)
Откако добил суперсила и издржливост од саботиран експеримент, погрешно обвинет човек избегал од затвор и станал суперхерој за најмување
Главни улоги: Мајк Колтер, Симон Мисик, Тео Роси
Жанр: драма, акција, криминал
Креатор: Шео Ходари Коукер
Премиера: 30 септември 2016
Број на сезони: 1
Времетраење: 55 минути
Јазик: англиски
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Соработката помеѓу Марвел и Нетфликс досега ни донесе потемни и пострашни верзии на познатите ликови од стриповите за разлика од оние што имавме можност да ги видиме на големото платно. Тоа што овие ТВ серии губат во буџетот за ефекти, го надополнуваат со богати ликови и изненадувачка сериозност со оглед на тоа што станува збор за инспирација од стриповите.
По Дердевил и Џесика Џоунс, дојде редот за приказната на Лук Кејџ (Мајк Колтер), кој претходно го запознавме како спореден лик покрај Џоунс – и според тоа што досега имавме можност да видиме, постојат големи шанси дека ова ќе биде најдоброто дело од соработката помеѓу Марвел и Нетфликс. Лук Кејџ е африканско-американски херој, оригинално создаден од белиот човек, како одговор на експлоатацијата на црните луѓе во 1970-тите години.
Неговиот морален интегритет има клучно место во приказната и е многу понагласено од неговите моќи. Тој се воздржува да не користи погрдни зборови, како и да не се однесува лошо. Проблемот е што токму поради желбата да ја направи вистинската работа, тој ќе западне во конфликт со локалните криминални лордови, кој полека, но сигурно ќе ескалира. Велиме полека, бидејќи настаните многу бавно се одвиваат, дозволувајќи ни доволно време добро да го запознаеме Лук.
И акцијата е многу забавна. Лук е премногу силен во однос на своите противници, па затоа и успева да ги победи сите со минимална вложена сила и совршена самодоверба. Исто така изгледа дека неговиот омилен начин да влезе во просторија е со клоцање на вратата. Но, тензијата во приказната доаѓа токму од ограничувањата на неговата моќ – тој не може да ги заштити оние околу себе на никој друг начин освен со својот грб…