ТВ серија: Ловци на награди (Killjoys)
Тие ќе направат сè за потерницата!
Главни улоги: Хана Џон-Камен, Арон Ашмор, Лук Мекфарлан
Жанр: научна фантастика
Креатор: Мишел Ловрета
Премиера: 19 јуни 2015
Број на сезони: 1
Времетраење: 45 минути
Јазик: англиски
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка:
Станува збор за трио ловци на награди кои оперираат во вселената. Тие се дел од независна интерпланетарна организација на убијци и експерти за трагање, кои се познати како Килџојс и кои одбираат потерници во однос на своите способности и ранг. Како и секоја друга научна фантастична серија со ваква тематика, приказната се одвива прилично брзо и исполнета е со многу акција и одлични специјални ефекти. Токму затоа и сигурни сме дека во ниту еден момент нема да ви биде здодевно. Баш напротив, секоја епизода ќе ја гледате во само еден здив.
Приказната започнува така што ни го покажува животот на Дач (Хана Џон-Камен) и Џон (Арон Ашмор). Тие се добри пријатели, соработници и цимери. Всушност, тие поминуваат толку време еден покрај друг што прават сè заедно. Но, нивниот однос малку ќе се промени откако во игра ќе влезе и братот на Џон, Девон (Лук Мекфарлан), кој тој го нема видено со години. Девон е војник, кој бил дел од застрашувачка експериментална програма. Тој помни дека ги убил сите членови на својот тим, но не може да се сети ништо повеќе за тој настан. Изгледа како неговите сеќавања да се избришани или длабоко потиснати, па токму затоа и тој од тогаш трага по вистината.
Центарот на ТВ серијата се наоѓа во Квод, густо населен сончев систем кој е под владетелство на тиранска корпорација базирана на класи, позната како компанијата. Бидејќи условите за живеење се ужасни за оние кои се дел од пониските класи, сè повеќе се зголемува тензијата помеѓу жителите во овие области, секојдневно водејќи ги на чекор поблизу до револуционерна војна. Но, Дач, Џон и Девон се обидуваат да останат неутрални со цел да можат да го задржат својот работен статус и да се фокусираат на единственото правило кое ниту еден Килџој не смее да го скрши: „Потерницата е сè!“