ТВ серија: Грејс и Френки (Grace and Frankie)
Две жени почнуваат да живеат заедно бидејќи нивните сопрузи по 40 години брак ги напуштаат и решаваат тие да се венчаат
Главни улоги: Џејн Фонда, Лили Томлин, Сем Вотерстон, Мартин Шин
Жанр: комедија
Креатори: Марта Кауфман, Хауард Џ. Морис
Премиера: 8 мај 2015
Број на сезони: 1
Времетраење: 30 минути
Јазик: англиски
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка:
Приказната се врти околу животот на Грејс (Џејн Фонда) и Френки (Лили Томлин), две жени со сосема спротивен карактер кои воопшто не се поднесуваат, но често се гледаат бидејќи нивните сопрузи се партнери во адвокатска фирма. И двата пара се веќе 40 години во брак, но многу брзо ќе дознаеме дека Сол (Сем Вотерстон) и Роберт (Мартин Шин) се многу повеќе од само партнери на работа. Тие веќе 20 години се љубовници, па поради легализирање на бракот помеѓу хомосексуалците се охрабруваат да им ја кажат вистината на нивните сопруги со цел да можат тие да се венчаат.
Откако ќе ја дознаат оваа новост, ниту Грејс, ниту Френки нема да сакаат да останат во својот дом, па токму затоа ќе се обидат да ја добијат нивната заедничка куќа на плажа за себе. Но, многу брзо ќе сфатат дека имаат потреба од поддршка и дека не постои друга личност која би можела подобро да разбере низ што поминуваат тие, па токму затоа ќе решат одредено време да го делат овој дом. Во тој момент ќе започне нивната борба со осаменоста и стравот дека ќе останат сами во последната доба од нивниот живот. Тие ќе почнат и да се соочуваат со многу урнебесни настани кои чекор по чекор ќе ги зајакнуваат и ќе ги прават сè посилни и посамостојни.
И покрај тоа што станува збор за комедија, оваа серија не е типично хумористична. Покрај забавните случувања, таа обработува и малку посериозни теми, овозможувајќи ни подетално да го искусиме животот на овие две семејства. Како што ќе ја гледате приказната и ќе се смеете на ситуациите во кои ќе запаѓаат овие две жени, вие истовремено нема да можете да се сопрете да се запрашувате како вие би реагирале во ваква или слична ситуација. Накратко, станува збор за забавна ТВ серија која ќе ве расположи и која ќе ви ја покаже моќта на пријателството, дури и помеѓу оние луѓе за кои никогаш не би претпоставиле дека би можеле да се сложуваат…