ТВ серија: Девојка шеф (Girlboss)
Софија, чудна девојка што не спаѓа во ниту една категорија, открива страст за модата и неочекувано станува вистинска бизнис жена!
Главни улоги: Брит Робертсон, Ели Рид, Џони Симонс
Жанр: комедија
Креатор: Кеј Кенон
Премиера: 21 април 2017
Број на сезони: 1
Времетраење: 26 минути
Јазик: англиски
Наша оценка: 10/10
Ваша оценка:
Интересно е колку еден човек може да биде креативен доколку не му се прави нешто. На пример, 23-годишната Софија (Брит Робертсон) едноставно не може да се замисли да работи ниту една типична работа за девојките и момците на своја возраст, бидејќи верува дека монотоноста и затвореноста меѓу 4 ѕида ќе го „исцица“ животот од неа. Таа исто така постојано вели дека кај возрасните соништата одат да умрат, па затоа дава сѐ од себе за да остане дете. Но тоа почнува да биде голем проблем за неа, бидејќи колку и да не сака да работи, мора од некаде да најде пари за да се издржува. Па борбата помеѓу потребите и желбите ќе ја инспирираат да создаде нешто што целосно ќе ѝ го смени животот.
За Софија, совршената работа е онаа каде што не би мрднала од својот кревет, додека истовремено заработува доволно пари за живеење – па тоа и ќе успее да го направи. Таа ќе почне да продава стара, винтиџ облека, но на малку поинаков начин од останатите во овој бизнис. Софија наоѓа или купува за малку пари носени парчиња облека, ги преправа и им дава модерна нијанса, и потоа ги препродава за дупло, тродупло, а понекогаш и за многу повеќе од својата реална вредност. Најинтересното од сѐ? Тоа што оваа приказна делумно се базира на вистински настани, односно според животот, успехот и книгата на Софија Аморусо.
Брит Робертсон фасцинира со својот перформанс, оживувајќи еден лик што истовремено и ќе го сакате и ќе го мразите. Софија е многу комплексен карактер, во кој може да се пронајде скоро секоја девојка во своите 20-ти години што е во потрага по целта на својот живот. Таа има исто толку негативни страни, колку и позитивни, но токму тоа и ја прави пореална во очите на гледачите. Од друга страна пак, иако оваа ТВ серија се води како комедија, очекувајте и потешки сцени што ќе ве замислат за вашиот живот, за начинот на размислување и насоката во која се движите. Можеби дури и ќе ве натера целосно да си го преиспитате изборот на кариерата! Подготвени? Пуштете плеј! Сите епизоди од првата сезона се веќе достапни на Нетфликс (и на кој било друг веб-сајт за онлајн гледање).