ТВ серија: Црната листа (The Blacklist)
Најбараниот човек во светот одеднаш се предава на ФБИ и ја нуди својата „црна листа“ како помош во потрагата по некои од најозлогласените криминалци ширум светот
Главни улоги: Џејмс Спејдер, Меган Бун, Хери Леникс, Диего Клатенхоф
Жанр: криминалистика, акција, мистерија
Креатор: Џон Бокенкамп
Премиера: 23 септември 2013
Број на сезони: 1 (во тек)
Времетраење: 45 минути
Јазик: англиски
Наша оценка: 9
Ваша оценка:
Замислете дека работите во ФБИ и дека ова ви е само уште еден сосема нормален ден. Доаѓате на работа и започнувате со своите секојдневни обврски. Ги погледнувате вашите колеги кои си ја „бркаат“ својата работа и во себе си помислувате дека и овој ден ќе ви помине монотоно. Но, одеднаш и без никакво предупредување, на вашето работно место се појавува еден од најбараните светски криминалци, го кажува своето име, ги крева рацете во воздух и чека да биде уапсен. Што би помислиле во тој момент?Рејмонд Редингтон (Џејмс Спејдер) е поранешен агент кој живеел „под радарот“ речиси 20 години. Тој успешно ги завршувал своите нелегални зделки, бегал од полицијата и постојано бил на еден чекор пред нив. Но, Редингтон од за нас сè уште непознати причини решава да ја смени својата игра. И што е уште поинтересно, тој вели дека има информации за еден баран терорист кои би сакал да ги сподели со ФБИ, но само под услов да разговара со агентката Елизабет Кин (Меган Бун). Елизабет или Лизи, како што ја викаат најблиските, токму тој ден започнува со работа како специјален агент. Коинциденција, или можеби сепак не? Таа се сретнува со Редингтон и веднаш сфаќа дека тој знае застрашувачки многу работи за неа и за нејзината фамилија, интимни работи кои никој не би требало да ги знае. Исто така тој ја предупредува дека во текот на денот еден познат терорист ќе ја киднапира ќерката на еден генерал. Елизабет го прашува дали треба да му верува, а тој ѝ вели: „Секако дека не. Јас сум криминалец.“ Но, сепак излегува дека тој е во право и откако нема да успее да го заштити девојчето, таа решава да побара помош од него во нејзината потрага. Она што е навистина интересно и различно во оваа ТВ серија е тоа што е обвиена со премногу мистерија. Како што ќе поминуваат сцените така вие сè повеќе ќе сфаќате дека навистина не знаете што се случува. Секоја нова сцена ви носи нови прашања – која е Елизабет, дали таа крие нешто во врска со нејзиното минато, која е нејзината поврзаност со Редингтон… На еден момент дури ќе помислите и дека нејзините најблиски можеби не се оние кои се претставуваат дека се.
А што се однесува до Редингтон, уште веднаш може да се забележи дека неговата цел не е онаа која што тој вели дека е. Тоа е уште едно прашање кое дополнително ја зачинува оваа неверојатно комплицирана приказна. „Црната листа“ е навистина одлична ТВ серија за која вреди да одвоите дел од вашето време.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.