ТВ серија: Атипично (Atypical)
Сем, високо функционален 18-годишен аутист, решава дека е време да си најде девојка…
Главни улоги: Кеир Гилкрист, Џенифер Џејсон Ли, Мајкл Рапапорт, Бриџит Ланди-Пејн
Жанр: драма, комедија
Креатор: Робија Рашид
Премиера: 11 август 2017
Број на сезони: 1
Времетраење: 30 минути
Јазик: англиски
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка:
Во оваа нова ТВ серија од Нетфликс се работи за едно необично 18-годишно момче, Сем (Кеир Гилкрист), што според психолозите е високо функционален аутист. Приказната го следи неговиот живот во семејството и надвор од него, односно во потрагата конечно да си пронајде девојка. Иако тој не знае што прави (како и секој друг тинејџер што прв пат се впушта во водите на љубовните состаноци), сепак се обидува да го слуша својот внатрешен водич и да го пронајде своето место во овој хаотичен свет каде што на прв поглед едноставно не припаѓа.
Неговата мајка, Елса (Џенифер Џејсон Ли), се однесува презаштитнички кон него, бидејќи сè уште го доживува како мало момче, па често може да се забележи како го контролира и се обидува да му го наметне своето мислење за нешта што тој веќе самиот е способен да ги одлучи. Од друга страна пак, го имаме и Даг (Мајкл Рапапорт), таткото на Сем, кој изгледа како да не сфаќа дека живее со аутистично момче во последниве 18 години. Тој се однесува како стереотипен „татко“ од филмовите што го гледа само она што сака да го види, а сè останато игнорира.
Мора да се спомене и неговата сестра, Кејси (Бриџит Ланди-Пејн) која без сомнение е светлата точка во оваа приказна. Иако Сем е ѕвездата, таа одвреме-навреме го засенува со брилијантни изјави што истовремено ќе ве насмеат, но и ќе ве натераат да се замислите. Начинот на кој таа го заштитува својот брат, додека истовремено е и брутално искрена со него, прифаќајќи го онаков каков што навистина е, додава богатство на двата ликови, па и на самата приказна, правејќи ја многу пореална додека гледате.
Па, ако сте расположение за приказна што истовремено е и комедија и драма (преминот од едниот кон другиот жанр понекогаш се случува толку брзо што ќе ви предизвика бура од емоции), тогаш дефинитивно треба да ја погледнете оваа атипична ТВ серија. Да, на почетокот ќе ви биде потребно малку време да се навикнете на ликовите и на текот на приказната, но штом навлезете во неа, без сомнение ќе уживате во авантурите на Сем.