ТВ серија: Академијата Чадор (The Umbrella Academy)
Група посвоени суперхерои повторно се обединува откако ќе почине нивниот татко, кој ги тренирал да го спасат светот
Главни улоги: Елен Пејџ, Том Хопер, Дејвид Кастањеда, Еми Рејвер-Лемпмен, Роберт Шијан, Ејден Галагер, Џастин Х, Мин
Жанр: акција, авантура
Креатор: Џереми Слејтер
Премиера: 15 февруари 2019
Број на сезони: 1
Времетраење: 60 минути
Јазик: англиски
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Станува збор за нетипична приказна со суперхерои. Првата епизода започнува во 1989 година, поточно на 12-от час од 1-ви октомври, кога 43 жени ширум светот ќе родат дете. Ова можеби ви звучи како нешто сосема обично, но верувајте ми – нештата се многу почудни одошто би можеле да замислите. На пример, овие 43 жени не биле бремени до моментот на породувањето! Еден момент тие ги живееле своите животи, а во следниот, се нашле во последната фаза на бременоста.
Откако се проширила оваа вест, сер Реџиналд Хагривс, ексцентричен милијардер и авантурист, решил да посвои што е можно повеќе од нив. Тој успеал да собере 7, кои потоа ќе ги одгледа како свои. Но, сер Хагривс е сè освен добар татко. Сакајќи да го извлече максимумот од нив, тој ќе го претвори нивниот живот во вистински пекол! Зошто, се прашувате? Овие деца се сè освен обични. Поточно, 6 од нив се неверојатни. Тие покажуваат незамисливи моќи со кои сер Хагривс верува дека можат да го спасат светот.
Така, број 1 (Том Хопер) или Лутер, има неверојатна физичка сила. Број 2 (Дејвид Кастањеда) или Диего има исклучителна дарба за фрлање ножеви. Број 3 (Еми Рејвер-Лемпмен), односно Алисон, може да убеди секого да направи сè со само неколку зборови. Број 4 (Роберт Шијан), познат и како Клаус, зборува со мртвите – но само ако е целосно трезен! Број 5 (Ејден Галагер), може да скока низ просторот, како и низ времето. Број 6 (Џастин Х, Мин), Бен, кој е починат во оваа верзија, можел да повикува чудовишта од други димензии. И на крај ја имаме број 7 (Елен Пејџ), односно Вања, која на прв поглед не покажува никаква способност, покрај интересот за музиката.
Бидејќи нивното детство било ужасно, еден по еден, тие ја напуштале академијата на својот татко и го оставале тој живот зад себе. На крај останал само Лутер. Но, откако сер Хагривс ќе почине, тие повторно ќе се соберат во својот некогашен дом. И токму тогаш ќе почнат да сфаќаат дека сè се случувало со причина. Затоа и ќе мора да ги остават сите несогласувања настрана и да се обединат затоа што светот навистина треба да биде спасен, а тие се единствените што можат да го направаат тоа!