ТВ серија: 3% (3%)
Само 3% од секоја генерација 20-годишни момци и девојки имаат шанса да преминат на „подобрата страна“ за живеење
Главни улоги: Жуао Мигел, Бјанка Компарато, Мишел Гомез
Жанр: акција, драма, научна фантастика
Креатор: Педро Агилера
Премиера: 25 ноември 2016
Број на сезони: 1
Времетраење: 50 минути
Јазик: португалски
Наша оценка: 7/10
Ваша оценка:
Станува збор за свет кој е поделен на два дела – во две крајности. На една страна се оние што живеат во сиромаштија и беда, без никаква шанса за напредок во животот. Свет полн со криминал и секојдневна борба за живот. Но, на другата страна се оние што биле доволно среќни и интелигентни да го поминат процесот за тестирање и со тоа да си овозможат живот во луксуз и сигурност, како и шанса да станат нешто повеќе.
Приказната започнува со претставување на новата генерација кандидати. Сите тие имаат точно 20 години и се надеваат дека ќе успеат да ги поминат интензивните тестирања на нивната интелигенција, издржливост и други барани карактеристики потребни за премин на другата страна. Но, само 3% од нив ќе успеат! Конкуренцијата е силна и елиминациите почнуваат скоро инстантно, создавајќи тензија меѓу оние што живееле за постигнувањето на оваа цел.
Тоа што се издвојува кај оваа ТВ серија се самите тестови низ кои поминуваат кандидатите. Тие се генијално создадени така што ги мерат токму оние карактеристики што се бараат, без притоа истите да ги откријат. Кандидатите добиваат само основни инструкции, а потоа се оставени сами на себе да се адаптираат и снаоѓаат во ситуации што никогаш досега не ги искусиле. Тие конечно ќе дознаат кои се навистина, во сржта на нивната душа.