ТВ серија: 13 причини зошто (13 Reasons Why)
Тинејџерка остава касети со причините зошто се самоубила…
Главни улоги: Катерин Ленгфорд, Кристијан Наваро, Мајкл Седлер
Жанр: драма, мистерија
Креатор: Брајан Јорки
Премиера: 31 март 2017
Број на сезони: 1
Времетраење: 60 минути
Јазик: англиски
Наша оценка: 10/10
Ваша оценка:
„13 причини зошто“ е моќна приказна за начинот на кој психичкото и физичкото насилство во основните и средните училишта може да доведе до депресија и самоубиство кај ранливите и чувствителни тинејџери. ТВ серијата се води според книгата со истото име од писателот Џеј Ашер, и според многумина е една од ретките преработки што се сметаат за подобри од оригиналниот извор. Ние им ја препорачуваме на сите родители, но и на средношколците и останатите млади што се борат со „булинг“, како и на оние кои мислат дека исмејувањето и малтретирањето немаат сериозни или долготрајни последици, па ги гледаат како моментална забава.
Дејството започнува една недела по самоубиството на Хана, кога еден од нејзините соученици, Клеј, ќе добие чудна кутија со касети. Тој љубопитно ќе ја пушти првата, и ќе се вчудовиди кога ќе го чуе гласот на Хана од другата страна на слушалките. Иако таа е мртва, нејзината приказна допрва ќе почне да се раскажува. Секоја касета има по 2 страни, а секоја страна е посветена на личноста што ѝ помогнала на Хана да одлучи да си го одземе својот живот. Касетите мора да поминат кај сите спомнати во нив, па уште веднаш знаеме дека и Клеј е еден од личностите што придонел за нејзиното самоубиство – иако тој е повлечен, социјално несигурен и на прв поглед делува како да го сака најдоброто за Хана, бидејќи е видливо заљубен во неа…
Пред да ја пуштите оваа ТВ серија, важно е да знаете дека станува збор за многу тешка и емоционална приказна, што не е лесна за гледање. Иако главните улоги им припаѓаат на тинејџери и сите настани се вртат околу (не)типичната средношколска драма, сепак начинот на раскажување може многу да ви влијае, па особено се предупредуваат оние што веќе поминуваат низ вакви ситуации во училиште. Од друга страна пак, целта на серијата е да се освестат младите за начинот на кој ги користат своите зборови, како и за однесувањето што го сметаат за „кул“, бидејќи многумина не се ни свесни како влијаат на своите почувствителни соученици. Причината поради која и родителите треба да ја гледаат, е фактот што тие се сè позафатени со својата работа, па немаат толку време за своите деца во најтешкиот момент од нивниот живот. Со оглед на тоа што никогаш не можете да знаете што им се врти во главата, едноставно не смеете да дозволите да се оддалечите од нив и да престанете да разговарате…
mnogu dobra serija so mnogu dobra poraka!